ЕВРООБВРЗНИЦА-ВНИМАНИЕ: Лесно зајмиме, тешко враќаме!
Економистите со предупредување за бризната со која земјава се задолжува. Издавањето на новата еврообврзница од 500 милиони евра, и тоа по само една година од кога веќе беше издадена друга еврообрзница од 500 милиони евра, сметаат дека претставува пребрзо темпо на задолжување, иако велат дека се очекува каматната стапка да биде ниска.
Универзитетскиот професор Марјан Петрески вели дека периодот е мошне поволен за издавање нова еврообврзница, поради многу ниските каматните стапки кои веројатно ќе се задржат такви уште некое време, барем на европскиот континент. Но, сепак Петрески потенцира дека не треба да се заборават две работи.
„Долговите лесно се кумулираат, особено при евтини позајмици, и токму таквото акумулирање долгови беше во основата на Европската должничка криза. Врвните економисти сугерираат дека за да не се акумулира нов меур, всушност треба да видиме процес на раздолжување. Македонија не е имуна на таквите размислувања на глобално ниво. Второ, старото прашање - за што ќе ги потрошиме парите. Ако тоа не ни е јасно како на граѓани, тогаш повторно се испоставува дека употребата ќе биде за „буџетски потреби“, односно за алиментирање на тековните потреби и зголемувања. Од друга страна, инвестициите во стурктурни реформи кои ќе ја подобрат конкуретноста на економијата, а се поддржани со задолжувањата ќе се исплатат“, вели Петрески за Фактор.
Во одлуката за издавање на еврообврзницата објавена во „Службен весник“ пишува дека .
„Еврообврзницата се издава за буџетска поддршка во 2015 и 2016 година и за рефинансирање на обврските што достасуваат за отплата на државниот долг на Македонија. Вкупната номинална вредност на еврообврзницата изнесува до 500 милиони евра или противвредност во американски долари. Министерството за финансии плаќа камата на еврообврзницата еднаш годишно“, е наведено во одлуката.
Опозицијата пак бара отчет, како и за што се потрошија парите од еврообврзницата што земјава ја издаде минатата година. И посочуваат дека само во оваа година владата на ВМРО-ДПМНЕ ја задолжила Македонија за 1 милијарда и 350 милиони евра.
„Владата до крајот на годинава ќе издаде нова Еврообврзница со која ќе не задолжи со нови 500 милиони евра. Во текот на годинава не задолжиле со кредити од 850 милиони евра. Значи оваа власт вкупно планира да ја задолжи државата со 1 милијарда 350 милиони евра само за оваа година.
Што е најлошо овие кредити нема да бидат потрошени за инфраструктура или подобар животен стандард на граѓаните. Затоа кога даваат отчет прво да одговорат каде ја потрошија претходната Еврообврзница од 500 милиони евра?! И за што ќе ги користат овие нови задолжувања кои ќе ги враќаат овие и идните генерации?!Сум кажал повеќе пати, кој живее на кредит умира на рати!“,посочи Марјанчо Николов од СДСМ.
Ова е четврта по ред еврообврзница што Македонија ја издава. Првата беше во 2005 година со рочност од десет години, а во износ од 150 милиони евра со камата од 4,5%. Потоа втората беше издадена во 2009 година со рочност од три и пол години, а со износ од 175 милиони евра со камата од 9,8%. Третата еврообврзница беше издадена лани, со рочност од седум години, а во износ од 500 милиони евра, со камата од 3,97%, додека последната еврообрзница владата ја издава сега со рочност од десет години, а каматата дополнително ќе се знае.
Од 2005 година до сега, со еврообврзници земјата е задолжена 1,325 милијарди евра.
Слично
