Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЕВРООБВРЗНИЦА: До крајот на неделава кеш од 500 милиони евра?

ЕВРООБВРЗНИЦА: До крајот на неделава кеш од 500 милиони евра?
Операцијата за издавање на нова, четврта по ред Еврообврзница е на завршница. Според доброупатени извори, најверојатно целиот процес ќе заврши до крајот на оваа недела, со што и официјално ќе биде издадена Еврообврзницата во висина од 500 милиони евра. Имено, Владата во улога на агенти на државата,  веќе ги ангажираше трите банки: Сити груп, Дојче банк и Ерсте банк да го спроведат процесот на издавање на Еврообврзницата. Таа ќе котира и со неа ќе се тргува на Ирската берза на хартии од вредност. Можноста  да биде издадена во текот на оваа недела, според познавачите се поврзува  и со откажаното задолжување на домашен терен. Иако во Календарот за одржување на аукции на државни хартии од вредност за денеска беше предвидено и најавено ново задолжување,  тоа сепак е откажано. “Откажаната аукција на државни хартии од вредност се случува во момент кога се очекува прилив од странство по основ на новата Еврообврзница во вредност од 500 милиони евра. Домашното задолжување се откажува во услови кога за околу две недели доспеваат за исплата 150 милиони евра по осонов на Еврообврзницата што беше издадена во 2005 година, па оттука, сите овие исплати најверојатно ќе се покриваат со парите што ќе се слеат од новата Еврообврзница“, коментираат за “Фактор“ доброупатени извори. Од Министерството за финансии не соопштија зошто се откажува денешното задолжување на домашен терен. Освен 150 милиони евра, кои доспеаваат како надворешен долг, на домашните кредитори до крајот на годината Владата треба да им врати скоро 90 милиони евра, со што само по овие два основи државата треба да исплати 240 милиони евра. Дел од економистите се и во исчекување и на цената по која ќе се издаде новата Еврообврзница. Дел сметаат дека треба да се очекува камата повисока од 4%, односно дека ова задолжување ќе биде поскапо од она што се спроведе лани, преку третата Еврообврзница. Како причина се посочува политичката криза која, според дел од аналитичарите ќе биде пресметана во каматната стапка. Дел пак оценуваат дека периодот е мошне поволен за издавање нова Еврообврзница, поради многу ниските каматните стапки кои веројатно ќе се задржат такви уште некое време, барем на европскиот континент. Но, сепак, универзитетскиот профессор Марјан Петрески посочува на две работи кога станува збор за нови задолжувања. „Долговите лесно се кумулираат, особено при евтини позајмици, и токму таквото акумулирање долгови беше во основата на Европската должничка криза. Врвните економисти сугерираат дека за да не се акумулира нов меур, всушност треба да видиме процес на раздолжување. Македонија не е имуна на таквите размислувања на глобално ниво. Второ, старото прашање – за што ќе ги потрошиме парите. Ако тоа не ни е јасно како на граѓани, тогаш повторно се испоставува дека употребата ќе биде за „буџетски потреби“, односно за алиментирање на тековните потреби и зголемувања. Од друга страна, инвестициите во стурктурни реформи кои ќе ја подобрат конкуретноста на економијата, а се поддржани со задолжувањата ќе се исплатат“, вели Петрески за Фактор. Четвртата Еврообврзницата, како што се посочи Владата,  се издава за буџетска поддршка во 2015 и 2016 година и за рефинансирање на обврските што достасуваат за отплата на државниот долг на македонија. вкупната номинална вредност на еврообврзницата изнесува до 500 милиони евра или против вредност во американски долари. министерството за финансии плаќа камата на еврообврзницата еднаш годишно. Во текот на годинава, Владата преку задолжувањата од домашните кредитори, главно обезбедуваше пари со кои ги враќаше веќе доспеаните долгови а продолжи и трендот на менување на структурата на долгот од аспект на рочноста. Имено, и натаму се зголемува салдото на долгови со рок на доспевање по пет, десет или петнаесет години. Во изминатиот период нивото на Јавниот долг е растечко, а зголемени се и долговите на јавните претпријатија за кои гарантира Владата, за што беше посочено и во најновиот Извештај на Брисел за напредокот на Македонија. Нивото на јавниот долг според Европската комисија,  ќе надмине 50 отсто од БДП. Според последните податоци, заклучно со третиот квартал од годинава вкупниот Јавен долг изнесува 3,9 милијарди евра или 43,9 проценти од БДП. Од овие пари, скоро 1,3 милиајрди евра е долг кон домашните кредитори а 2,6 милијарди евра државата должи кон странство. Р.Ф.
Слично

Поврзани вести