Еврогрупата пушта мост со кредит од 7 милијарди евра за Грција
Министрите за финансии на еврозоната се согласија да и доделат 7 милијарди евра заем на Грција, објави „Bloomberg“, повикувајќи се на извор запознаен со одлуката.
Заемот ќе биде официјално објавен во петок, откако парламентите на земјите членки ќе гласаат за спасувачкиот пакет кој премиерот на Грција Алексис Ципрас во понеделникот го потпиша, додава изворот, кој побарал анонимност. Тој истакнува дека заемот ќе биде доделен од Европскиот механизам за финансиска стабилност (EFSM) - како што вчера препорача и Европската комисија (ЕК).
Кредитот ќе и помогне на Грција да го отплати долгот од 3,5 милијарди евра кон Европската централна банка (ЕЦБ) во понеделник и ќе ја подржува Атина, додека Ципрас преговара за деталите од новата тригодишна спасувачка програма во вредност од 86 милијарди евра.
Подоцна веста беше потврдена и од германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле. Тој соопштил за одлуката на членовите на буџетската парламентарна комисија на германскиот Бундестаг.
Земјите во Европската унија (ЕУ), кои се уште не се членови на еврозоната, ќе бидат ослободени од ризиците по овој кредит, како и за гаранциите кои се користат за добивка од трансакции со обврзници на ЕЦБ, појаснил Шојбле.
Неколку минути подоцна и претседателот на ЕК, Жан-Клод Јункер, исто така потврдил за доделувањето на износот.
Претходно денеска Советот на министрите за финансии од еврозоната даде принципиелна согласност за новата алатка за Грција со рок на акција од три години.
Атина го усвои првиот пакет со четири мерки навреме и „по еден како целина задоволителен начин“, изјавила портпаролката на ЕК за економски прашања Аника Бреидхарт.
