Економија, финансии, бизнис

Контакт

„Евробарометар“: Колку граѓаните им веруваат на институциите?

„Евробарометар“: Колку граѓаните им веруваат на институциите?

Граѓаните имаат поголема доверба во Европската Унија, отколку во македонските институции, односно Собранието и Владата.

Ова го покажа истражувањето „Стандард Евробарометар“ што го спроведе Европската комисија во земјите членки на ЕУ и во петте земји кандидатки, Србија, Албанија, Црна Гора, Турција и Македонија.

Податоците говорат дека 58% од Македонците имаат доверба во ЕУ, што е за 25% повеќе од довербата што граѓаните на 28 земји-членки ја имаат во Унијата. Недовербата во националните парламенти и во националните влади е речиси  идентична. Вкупно 64% од Македонците немаат доверба во Парламентот, додека 28% му веруваат. Кај земјите членки на ЕУ, довербата во националните парламенти изнесува 28, додека недовербата е 65%.

Во земјава 62% од граѓаните не и веруваат на Владата, а 30% и изразиле доверба. Во земјите на ЕУ, процентот на недоверба во националните влади е 68%, додека довербата е 27%.

За економската состојба, 35% од анкетираните  сметаат дека таа е иста како и лани, а исто толкав процент сметаат дека е полоша. Само 23% од испитаниците одговориле дека економската состојба се подобрила во последните 12 месеци. Анализата покажува дека годинава се намалил бројот на оние кои сметаат дека е економската состојба е иста, а пораснал бројот на оние кои сметаат дека е влошена.

Истражувањето наведува дека загрижувачки е податокот што 48% од Македонците сметаат дека најлошото допрва доаѓа на пазарот на труд.

Анализата покажала дека најголемите проблеми со кои се соочува македонскиот граѓанин се финансиската состојба во семејството, невработеноста и условите за живот, додека на жителите на ЕУ, најголеми проблеми им се растечките цени и пензиите, па дури потоа им е невработеноста.

Слично

Поврзани вести