ЕВН: Реконструкцијата во Арачиново ќе трае можеби повеќе од една година
Екипите на ЕВН Електродистрибуција откако вчера излегоа на терен во Арачиново, се огласи компанијата со соопштение дека ова е само прва фаза од планот и дека за целосна реконструкција на мрежата ќе биде потребно можеби повеќе од една година.
-Во оваа фаза се прави инспекција на мрежата по што ќе следи реконструкција за подобрување на снабдувањето и отстранување на дефектите кои беа резултат на нелегалните приклучувања. Целосната реализација на планот ќе значи снабдување без прекини и речиси без дефекти за жителите на Арачиново, потенцираат од ЕВН Македонија.
По минатонеделниот прекин на снабдувањето со електрична енергија во Арачиново поради преоптовареност на трафостаницата од неовластено користење струја, министерот за економија Крешник Бектеши информираше дека во координација со градоначалникот на општината и раководството на ЕВН е најдено привремено решение за прашањето за снабдување со струја.
