ЕВН, ЕЛЕМ и МЕПСО заеднички ќе стипендираат студенти
Енергетските компании ЕВН, ЕЛЕМ и МЕПСО ќе ги стипендираат најдобрите 14 студенти на електро-енергетските насоки на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ).
Месечна стипендија од 6.000 денари добија денеска студентите кои навреме ја завршија првата година со просек над осум. По пет стипендии доделуваат ЕЛЕМ и МЕПСО, а ЕВН Македонија четири.
Интересот за студирање на овој факултет расте, вели деканот на ФЕИТ Миле Станкоски. „Ако во 2010 година почнавме со 50, следната имавме 67, првата година по почнувањето со стипендии имавме 115, за да минатата година имаме дури 161 студент. Значи, тројно го зголемивме бројот на студентите, а очекуваме трендот да продолжи и оваа година да запишеме над 200 студенти на енергетските насоки“, додава тој.
Стипендијата од енергетските компании се спроведува трета година. На почетокот немало доволно студенти за да им се додели наградата, но сега постои дури и конкуренција, појаснува деканот. ЕВН, ЕЛЕМ и МЕПСО најавуваат дека ваквата пракса ќе ја продолжат и во иднина.
Слично
