Еве зошто се партизира „Македонски навигации“ - просечната плата се зголемила на 3.000 евра
Просечната месечна нето плата во „Македонски навигации“, која своето финансирање го обезбедува главно од наплата на прелети, достигнала речиси 3.000 евра во текот на минатата година, покажува новообјавената завршна сметка и извештајот за работењето во 2024.
За 309 вработени биле исплатени 10,3 милиони евра за нето плати, односно за повеќе од 1,1 милиони евра во однос на претходната година . Просечната нето плата била 170 илјади денари, или 2.780 евра.
Од „контролата на летање“ во извештајот напоменуваат дека зголемувањето на платите се должи на нов колективен договор кој во меѓувреме имал и анекс. Покрај тоа, платите се зголемиле со враќање на делот од платите кој бил „замрзнат“ во корона кризата. Ова зголемување се должело и на подобрувањето на воздушниот сообраќај во 2024 година
М-НАВ е најпосакуваната државна компанија на ранг листата за вработување во однос на сите државни акционерски друштва и јавни претпријатија. Се работи за услужна компанија со уникатна дејност – го контролира движењето на авионите и други воздухоплови на македонското небо. Тука влегуваат прелетите, полетувањата и слетувањата на пистите на нашите аеродроми. За таа услуга во најголема мерка наплатува од „Еуроконтрол“ суверено тело кое го менаџира европското небо.
Основниот граѓански суд Скопје по поднесената тужба од тројцата директори на Македонска навигација (М-НАВ) со Предлог за забрана за организирање на штрајк, минатата недеа го забрани најавениот штрајк за 20 октомври од страна на Синдикатот на контролори на летање. Контролорите претходно искажаа огрмно незадоволство од партизацијата, особено по последниот оглас за вработување.
Бруто платите и другите трошоци за вработените се убедливо најголемиот расход за „М-Нав“, кој годинава, според финансиските проекции, планира да собере 23,33 милиони евра, главно од наплата на прелети, но и од приходи по основ на терминални услуги и приходи од останати услуги како по основ на давање на радарска слика и комуникациски услуги на Hungarocontrol.
А.К.
