ЕВЕ КОИ БАНКИ СЕ ОДБРАНИ ДА ГО ТЕСТИРААТ ДИГИТАЛНОТО ЕВРО: ЕЦБ одбра водечки банки и финтек компании
Европската централна банка (ЕЦБ) направи нов чекор во развојот на дигиталното евро, објавувајќи список од 36 даватели на услуги за плаќање кои ќе учествуваат во пилот-проектот на новата дигитална валута.
Меѓу избраните се водечки европски банки и познати финтек компании.
Познато е кој ќе го тестира дигиталното евро
На списокот на учесници се наоѓаат големи банки како што се „УниКредит“, „Дојче банк“, „Рајфајзен банк“, „Нова Љубљанска банка“ (НЛБ) и „Пиреус банк“.
Покрај банките, во пилот-проектот ќе учествуваат и познати компании за финансиска технологија како што се „Револут“, „Страјп“, „Сатиспеј“ и „Некси Пејментс“.
Европската централна банка наведува дека интересот бил голем, бидејќи како одговор на повикот за учество биле примени повеќе од 50 апликации.
Тестирањето започнува во 2027 година
Пилот-фазата на проектот е планирана за втората половина на 2027 година и ќе трае 12 месеци.
Во тој период, техничките можности на дигиталното евро, неговата употреба во секојдневните плаќања и корисничкото искуство ќе бидат тестирани пред евентуалното воведување на нова европска дигитална валута.
Како ќе изгледа тестирањето?
ЕЦБ објави дека за време на пилот-проектот ќе се користи бета-верзија на дигиталното евро , која ќе биде многу слична по функционалност со верзијата предвидена со нацрт-европското законодавство.
Во тестирањето ќе бидат вклучени вработени во Европската централна банка и националните централни банки на земјите од еврозоната, како и одбрани трговци на мало, вклучувајќи онлајн продавници, ресторани и кафулиња.
Корисниците ќе можат да испробаат различни методи на плаќање, вклучувајќи трансфери од лице до лице, плаќања во продавница и онлајн купување.
Голем интерес од приватниот сектор
Членот на Извршниот одбор на ЕЦБ, Пјеро Чиполоне, кој претседава со Работната група за дигитално евро, оцени дека големиот број апликации ја покажува подготвеноста на приватниот сектор да учествува во развојот на нов европски систем за плаќање.
Според него, соработката меѓу банките и финтек компаниите треба да придонесе за градење на безбеден и ефикасен систем за дигитално плаќање во Европската Унија.
Бизпортал.рс