Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЕУ забрзано се подготвува за можно целосно прекинување на испораките на руски гас

ЕУ забрзано се подготвува за можно целосно прекинување на испораките на руски гас

Земјите од ЕУ ги забрзуваат подготовките за евентуално целосно прекинување на испораките на руски гас, а Европската комисија денеска треба да го претстави својот кризен план, објави ENR (European Newsroom), проект на 16 европски новински агенции, вклучувајќи ја и хрватската Хина.

Според планот на ЕК, би се заштедиле околу 11 милијарди кубни метри гас со ограничување на греењето и ладењето во зградите, меѓу четири и 40 милијарди кубни метри би се заштедиле со намалување на потрошувачката на гас за производство на електрична енергија и околу 10 милијарди со намалување на индустриската побарувачка. Предлогот на Комисијата ќе биде основа за дискусија на вонредниот состанок на министрите за енергетика, кој e свикан на 26 јули.

Агенциите dpa, AFP, Agerpress, Hina, STA, EFE и ANSA пишуваат за начините на заштеда и состојбата со полнењето на гас во Германија, Франција, Романија, Хрватска, Словенија, Шпанија и Италија.

Клаудија Кемпферт, експерт за енергија во Германскиот институт за економски истражувања (DIW), рече дека владата ќе може да избегне недостиг ако ги отвори односите со добавувачите на гас, освен Русија, ако продолжи да ги полни складиштата и ја охрабри јавноста да заштеди гас.

„Ако се исполнети три услови, не гледам дека всушност треба да се соочиме со недостиг на гас“, рече Кемпферт.

Досега, алтернативните извори на Германија за конвенционален природен гас беа главно Холандија и Норвешка.

Во однос на течниот природен гас (ЛНГ), министерот за економија Роберт Хабек се обиде да воспостави нови односи за снабдување за време на пролетната посета на Катар. Дали, кога и колку всушност ќе дојде уште гас од Емиратите, останува да видиме.

Нивото на искористеност на германските складишта за гас полека, но постојано се зголемува. Сега е на околу 65 проценти. Германската влада постојано ги повикува потрошувачите и индустријата да штедат енергија.

Франција има намера да наполни 100 отсто од складиштето на гас до есен

Во меѓувреме, француската влада се подготвува за можноста за целосно прекинување на испораките на руски гас, изјави на 10 јули министерот за економија Бруно Ле Мер. За да избегне недостиг, владата побара националните складишта за гас да се полнат до „речиси 100 проценти“ до почетокот на есента.

Во случај на недостиг на електрична енергија, француската влада подготвува низа мерки за зимата за да им даде приоритет на приватните домаќинства и одредени индустрии. „Очигледно е дека ги штитиме приватните домаќинства и (...) не затвораме фабрики или го откажуваме јавниот превоз“, рече премиерката Елизабет Борн.

Според регулативата на ЕУ, капацитетите за складирање гас мора да бидат полни најмалку 80 проценти до 1 ноември 2022 година.

Романскиот премиер Николае Кука рече дека неговата земја ќе може да ја исполни таа цел пред предвиденото.


Слично

Поврзани вести