ЕУ воведува строги правила: Заборавете на познатите пакувања – купувањето во продавница ќе изгледа поинаку
По децении препознатлив изглед и популарност, некои од најпознатите европски брендови се соочуваат со сериозни промени поради новите правила на Европската унија за пакување и амбалажен отпад.
Станува збор за Уредбата на ЕУ за пакување и амбалажен отпад (PPWR), која стапи на сила минатата година, а од август ќе стане задолжителна. Целта на оваа регулатива е да се намали растечката количина отпад и да се зајакне циркуларната економија. Во пракса, тоа значи дека пакувањата мора да бидат рециклабилни, а голем дел од еднократната пластика постепено ќе исчезне од пазарот.
Ова правило може значително да влијае на некои култни производи. Меѓу нив се и познатите австриски брендови Knabbernossi и Manner.
Knabbernossi, еден од најпознатите детски закуски во Австрија, се соочува со проблем бидејќи неговото пакување користи три слоја фолија – пластика и алуминиум за да го заштити производот од кислород, влага и светлина. Благодарение на тоа, овие виршли можат да се чуваат до 180 дена без ладење, а Австријците секојдневно консумираат околу 46 милиони парчиња.
„Не постои замена со исти својства. Да постоеше, веќе ќе ја користевме“, предупредува Андреас Нентвих, директор на Maresi Austria.
Сличен проблем има и познатиот бренд Manner, чии наполитанки се препознатливи по розовиот омот и траката за отворање. Токму ова пакување ја зачувува крцкавоста на производот, но воедно претставува и дел од идентитетот на брендот.
Гинтер Тумзер, претседател на здружението на производители на брендирани производи, предупредува дека новите правила би можеле сериозно да ја погодат индустријата.
„Европската унија со овие мерки директно и штети на економијата“, вели тој.
Промените нема да ги погодат само производителите на грицки. Млечната индустрија исто така ќе мора да се прилагоди. Фолиите за путер, јогурт и други млечни производи често се комбинација од алуминиум, пластика и восочна хартија, што ги прави тешко рециклабилни.
„Истражуваме различни опции за да ја оптимизираме амбалажата“, вели Јохан Келтрингер од Млекарската асоцијација.
Сепак, новите материјали можат да влијаат на рокот на траење на храната, а нивната примена бара нови производствени линии и големи инвестиции.
Експертите предупредуваат дека технолошки решенија постојат, но тие ќе бараат значителни финансиски вложувања и повеќегодишно планирање.
Промените наскоро ќе ги почувствуваат и потрошувачите. Во пракса тоа значи дека:
мини шишињата шампон и лосион во хотелите ќе исчезнат,
тенките пластични кеси ќе бидат укинати,
продавниците нема да смеат да продаваат мали количини овошје и зеленчук во еднократна пластика,
рестораните ќе мора да се откажат од малите пластични пакувања путер, џем, кечап и шеќер.
Со новата регулатива, Европската унија сака радикално да го намали отпадот од пакувања, но индустријата предупредува дека цената на оваа зелена транзиција ќе биде висока – и за производителите и за потрошувачите.
