Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЕУ воведува пар-непар поради енергетската криза: Граѓаните добија препораки за штедење гориво

ЕУ воведува пар-непар поради енергетската криза: Граѓаните добија препораки за штедење гориво

Европската унија подготвува пакет мерки за справување со енергетската криза, а меѓу препораките е и воведување систем „пар-непар“ за возење, со цел намалување на потрошувачката на гориво.

Еврокомесарот за енергетика Дан Јергенсен изјави дека последиците од конфликтите на Блискиот Исток ќе се чувствуваат подолго време и дека кризата нема брзо да заврши.

  • Не треба да имаме илузии дека последиците врз енергетските пазари ќе бидат краткотрајни – тие нема да бидат – истакна Јергенсен по состанокот на министрите за енергетика на Европска унија.

Според него, цените на гасот во ЕУ пораснале за околу 70 проценти од почетокот на кризата, додека цената на нафтата е зголемена за 60 проценти. За само еден месец, земјите-членки потрошиле дополнителни 14 милијарди евра за увоз на фосилни горива.

Јергенсен повика на координиран одговор на кризата и нагласи дека мерките треба да бидат привремени и насочени, но и дека Европа не смее да ја изгуби долгорочната цел – енергетска независност.

  • Оваа криза уште еднаш ја покажува структурната ранливост на Европа поради зависноста од увоз на фосилни горива – рече тој.

Во рамки на препораките за штедење енергија, Меѓународна агенција за енергија предлага:

  • работа од дома каде што е можно
  • намалување на ограничувањата на брзината на автопатите за 10 км/ч
  • поголема употреба на јавен превоз
  • воведување систем пар-непар
  • споделување превоз
  • поекономично возење

Јергенсен упати апел граѓаните да ја намалат потрошувачката, особено на дизел и авионско гориво, истакнувајќи дека тоа ќе има директен ефект врз стабилизирање на пазарот.

Во меѓувреме, министрите не донеле конкретни одлуки, но Европската комисија најави дека наскоро ќе претстави сеопфатен пакет мерки, кој ќе опфати субвенции, зголемување на уделот на обновливи и нуклеарни извори, како и поддршка за биогорива.

Експертите предупредуваат дека светот се соочува со сериозна енергетска криза, потенцијално споредлива со Нафтената криза од 1970-тите, со далекусежни економски последици.

И покрај неизвесноста, ЕУ најавува дека ова ќе биде момент за забрзување на енергетската транзиција и намалување на зависноста од увоз на енергенси.

Курир.рс

Слично

Поврзани вести