Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЕУ воведува нови правила за возачите

ЕУ воведува нови правила за возачите

Европската унија усвои пакет нови правила за возачки дозволи, со цел да се зголеми безбедноста на патиштата и да се усогласат прописите во сите земји членки. Причина за реформата е загрижувачката статистика според која годишно околу 20.000 луѓе го губат животот на европските патишта.

Новите мерки предвидуваат воведување дигитални возачки дозволи, построги правила за прекршителите и намалување на старосната граница за професионалните возачи. Промените ќе се воведуваат постепено, во периодот од 2028 до 2030 година.

Една од најзначајните новини е тоа што забраната за управување возило изречена во една земја членка ќе важи на целата територија на ЕУ. Со тоа се спречува праксата возачи со одземена дозвола во една држава да продолжат да возат во друга. Паричните казни, сепак, ќе останат во надлежност на земјата каде што е направен прекршокот, а нема да се воведе единствен систем на казнени поени на ниво на ЕУ.

Голем чекор напред е и дигиталната возачка дозвола, која ќе биде достапна на мобилен телефон и ќе функционира слично како дигиталните банкарски картички или лични документи. Иако целосната примена се очекува до 2030 година, граѓаните ќе можат да користат и класична пластична дозвола.

Со новите правила се воведуваат и олеснувања за возачите на кампери – со Б категорија ќе може да се управуваат возила до 4,25 тони, но со дополнителна обука или испит.

За да се ублажи недостигот на работна сила во транспортниот сектор, се намалува старосната граница за професионални возачи. За камиони таа ќе биде 18 години наместо 21, а за автобуси 21 наместо 24 години.

Се воведуваат и построги правила за новите возачи, кои ќе имаат задолжителен пробен период од најмалку две години. За 17-годишниците се овозможува управување возило со придружба, а пред полагање ќе биде задолжителен лекарски преглед или изјава за здравствена состојба.

Возачките дозволи во иднина ќе важат 15 години, по што земјите членки ќе можат да побараат дополнителни проверки.

Иако реформата е веќе договорена, државите членки имаат рок од три години да ги усогласат своите закони, по што ќе следи транзициски период. Ова се смета за една од најголемите реформи во сообраќајот во ЕУ во последните децении, со крајна цел – побезбедни патишта и поедноставен живот за возачите.

Еуправозато

Слично

Поврзани вести