ЕУ: Уставниот суд ги минира условите за фер избори
За Европската унија, иницијативата на Уставниот суд за помилувањето, со која на претседателот на Македонија би му се дозволило да амнестира осуденици за изборна кражба, е спротивна на досегашните договори за фер избори.
ЕУ смета дека иницијативата се коси со одлуките на Собранието и политичките партии и ги минира напорите на ЕУ и САД за кредибилни избори.
Според портпаролот на комесарот Јоханес Хан, секоја сугестија за неказнивост во однос на изборните злоупотреби ќе бидат контрапродуктивни за напорите на меѓународната заедница која сака да се создадат услови за кредибилни избори.
“Во однос на влијанието што тоа би можело да го има на предвремените парламентарни избори, како што предвидува договорот од Пржино, нивната цел е да бидат клучен чекор во реформскиот процес кој ќе ја врати довербата на граѓаните во изборниот процес и ќе и помогне на земјата да ја надмине политичката криза”, вели Маја Коцијанчич во име на ЕУ.
Одлуката на уставните судии да ја прифатат иницијативата ја крена експерската јавност на нозе, но и граѓаните кои повеќе пати протестираа пред Уставниот суд.
