ЕУ: Само Србија не побара и затоа не доби помош
Европската комисија усвои предлог за макрофинансиска поддршка од три милијарди евра за десет партнери во процесот на проширување и партнерство на ЕУ за да им помогне во борбата против економското влијание на пандемијата на коронавирус.
Чудно беше што Србија не е меѓу овие земји, а во Брисел појаснија дека земјата е единствената која не побарала надворешна финансиска помош.
„Српските власти во моментов не гледаат потреба од надворешна финансиска помош и затоа не пристапија кон ММФ за финансиска поддршка“, вели Европската комисија на прашањето зошто Србија е изземена од овој пакет помош.
Европската комисија наведува дека споменатите средства, во висина од 3 милијарди евра, ќе бидат обезбедени со поддршка од ММФ, а еден од критериумите за добивање на оваа помош е барањето на земјата до ММФ да се отвори Инструментот за финансирање на итни случаи.
Според соопштението од Брисел, макрофинансиската поддршка од три милијарди евра ќе биде дистрибуирана до земјите кои контактирале со ММФ за итна помош, поради проблеми со платниот биланс.
За Албанија се предвидуваат 180 милиони евра, БиХ 250 милиони, Грузија 150 милиони, Јордан 200 милиони, Косово 100 милиони, Молдавија 100 милиони, Црна Гора 60 милиони, Северна Македонија 160 милиони, Тунис 600 милиони и Украина 1,2 милијарди евра.
Овие средства ќе бидат достапни над 12 месеци во форма на заеми по поволни услови за да им се помогне на земјите да ги покријат итните финансиски потреби, соопшти Комисијата.
„Потребна е поддршка за нашите соседи за време на кризата со цел целиот регион да биде стабилен. Овие програми за финансиска помош ќе им овозможат на десет земји да обезбедат макроекономска стабилност, да ги зачуваат деловните активности за време на кризата“, рече потпретседателот на Европската комисија надлежен за економски прашања.
