ЕУ разгледува итни мерки за горивото: Резерви има за само шест недели, ќе се делат резервите меѓу земјите членки
Европската Унија разгледува нови мерки за управување со резервите на авионско гориво, вклучително и можноста земјите-членки да бидат обврзани да ги споделуваат своите национални резерви во случај на криза.
Според проценките на Меѓународната агенција за енергија, Европа во моментов располага со резерви на гориво за авиони доволни за околу шест недели.
Еврокомесарот за транспорт Апостолос Цицикостас изјави дека постојат резерви за итни случаи, но нивната употреба мора да биде транспарентна за да се избегнат нарушувања на пазарот.
Тој посочи дека сегашната доброволна соработка меѓу земјите-членки може во иднина да стане задолжителна, иако засега нема причина за паника.
План „AccelerateEU“
Европската комисија подготвува пакет мерки под името „AccelerateEU“, кој предвидува:
воведување минимални задолжителни резерви на авионско гориво
формирање опсерваторија за следење на пазарот
обезбедување алтернативни извори на снабдување, вклучително и увоз од САД
Сепак, експертите предупредуваат дека американското млазно гориво не е целосно усогласено со европскиот стандард Jet A1, што може да создаде технички и инфраструктурни предизвици.
Цените веќе под притисок
Цените на авионското гориво во Европа веќе се повеќе од двојно зголемени од почетокот на конфликтот на Блискиот Исток, што ги принуди некои авиокомпании да откажуваат нерентабилни летови и да повлекуваат постари авиони од употреба.
Мерките што се разгледуваат имаат за цел да ја зголемат енергетската безбедност на Унијата, но отвораат и прашања за стабилноста на пазарот и зависноста од увоз.
