ЕУ предлага договор за увоз на природен гас од Египет и Израел
Европската комисија им предложи на земјите-членки на ЕУ договор со Египет и Израел за зголемување на увозот на природен гас од источниот Медитеран, објави Ројтерс, повикувајќи се на нацрт-документ од 7 јуни.
Нацрт-меморандумот за разбирање, кој сè уште е предмет на промени и треба да биде одобрен од вклучените влади, е дел од напорите на Европската унија да го намали увозот на фосилни горива од Русија по војната во Украина.
„Природниот гас што треба да се испорача на Европската унија ќе доаѓа или од Арапската Република Египет, Израел или од кој било друг извор во регионот на источниот Медитеран, вклучително и земјите-членки на ЕУ во регионот“, се вели во документот од девет страници.
ЕУ соопшти дека има намера да склучи трилатерален договор со Египет и Израел пред летото, но деталите од нацртот на 7 јуни не се јавни.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен треба да го посети Каиро следната недела.
Европската комисија одби да го коментира нацрт-договорот, како и прашањето дали Фон дер Лајен патува во Египет за да го потпише меморандумот.
Минатата година ЕУ увезе 155 милијарди кубни метри гас од Русија, што е околу 40 отсто од вкупната потрошувачка на Унијата.
