ЕУ: Небалансирано медиумско покривање, зголемена загриженост за „Пуч“
Европската унија е загрижена за начинот на кој викендов се реализираше акцијата „Пуч“, како и медиумската пристрасност при информирањето. Портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, денеска на прес -конференција повторно ја искажа загриженоста на Брисел за акцијата во која Зоран Заев, претседателот на СДСМ и уште три други лица се осомничени за шпионажа и загрозување на уставниот поредок и недемократско превземање на власта.
„Ние сме загрижени за политичката ситуација во земјата, начинот на кој овие настани за време на викендот беа спроведени и недостатокот на балансирана медиумска покриеност на настаните, што само ги зголеми нашите грижи. Сигурна сум дека знаете дека нашата загриженост за зголемената политизација и перцепција за селективна правда е исто така изразено во редовниот извештај на Еврокомисијата, издаден на крајот на минатата година. Според нас, најважно е истрагата да биде спроведена независно и транспарентно, имајќи го предвид целиот процес и начелото на пресумпција на невиност“, вели портпаролката Коцијанчич и дополни: „Сакам да потсетам дека очекуваме праведна, независна и транспарентна истрага во случај на било-какво наводно погрешно работење, со целосно почитување на правата на обвинетите во согласност со правото и меѓународните стандарди, вклучувајќи го и принципот на пресумпција на невиност“, повтори Коцијанчич и најави дека еврокомесарот за соседство и преговори за проширување, Јоханес Хан, на 16-ти месецов ќе го посети Скопје.
Слично
