ЕУ: Македонија да го либерaлизира пазарот на електрична енергија
Европската Унија уште еднаш и порачува на Македонија да ја забрза либерализацијата на енергетскиот пазар, што ќе значи можност на секој граѓанин да си одбере од кого ќе купува струја. Оваа порака до македонските власти директно ја упати Мартин Клауке од делагацијата на ЕУ, кој присуствуваше на завршен настан на проект за зајакнување на административниот капацитет на Секторот за енергетика при Министерството за економија.
Клауке, пред министерот за економија Беким Незири, на новинарско прашање, во кој дел Македонија треба да врши усогласување на домашното со европското законодавство, посочи дека тие не се задоволни од одложувањето на либерализацијата, процес што требаше да се случи годинава, но власта во последен момент напрви измени и го одложи до 2020 година, како краен рок за етапно спроведување на либерализацијата.
„Македонија до скоро беше лидер во регионот во либерализацијата на пазарот на струја, но целосната либерализација што требаше да се случи на почетокот на годинава, како што е познато, се одложи. Се надеваме дека македонските власти ќе ја забрзаат оваа постапка“, изјави Клауке.
Но, дали власта ќе ги послуша препораките на Европската Унија, што оттаму постојано стигнуваат, останува неизвесно. Познато е само дека се крои нов Закон за енергетика, но министерот за економија Беким Незири, одби да открие какви измени се прават и дали ќе ја послушаат препораката на ЕУ за забрзување на либерзализацијата во енергетскиот сектор.
„ Во оваа фаза можам да кажам дека е направена драфт верзија. Таа драфт верзија треба да биде усогласена со сите закони на ЕУ. Истата треба да биде испратена во Европската енергетска заедница која е дел на Европската Унија. Потоа, законот ќе оди на јавно мислење , но се додека не ги усогласиме сите делови, не би сакал да зборувам за деталите од измените на Законот за енергетика“, изјави министерот за економија Беким Незири.
На крајот на минатата година, односно веднаш по донесувањето на владина одлука да се одложи либерзалицијата, писмено реагираа од Европската енергетска заедница, со став дека ако тоа се случи, Секретаријатот на Енергетската заедница ќе покрене постапка против Македонија за прекршување на процедурата веднаш штом ќе помине крајниот рок за целосна либерализација на пазарот на 1 јануари 2015 година.
„Шокиран сум од оваа одлука, затоа што ние воопшто не бевме информирани, и покрај партнерството кое го потпишавме со Министерството за економија и со Регулаторната комисија за енергетика во 2011 година. Објавата на одлуката беше направена на истиот ден кога Европската комисија го објави извештајот за напредокот за земјата-кандидат за членство во ЕУ. Верувам дека ова не е случајност. Ако овој предлог-закон се објавеше порано, верувам дека оценката во извештајот за Македонија во делот за енергетика ќе беше сосема поинаква“, напиша Јанез Копач од ЕЕЗ.
Министерот за економија, Беким Незири, тогаш писмено се правдаше дека ако либерзализцијата не била одложена тогаш граѓаните ќе плаќале 17% поскапа струја.
Реакција од Европската енергетска заедница до Македонија имаше и на крајот на април годинава. Во реакцијата на ЕЕЗ беше посочено дека одлагањето на целосна либерализација на пазарот до 2020 година претставува сериозно прекршување на Договорот за основање на Енергетската заедница.
„Одлуката на Македонија да се одложи целосното отворање на пазарот на електрична енергија, и со тоа да им се забрани на потрошувачите да го избираат својот снабдувач е уште едно одбивање на актуелната власт да ги прифатат обврските на земјата во рамките на Договорот за енергетска заедница и следствено на тоа, на законодавството на ЕУ. Овој тренд станува се повидлив и се манифестира преку неколку отворени прекршувања на прописите на Енергетската заедница, вклучувајќи го и непочитувањето на
Вториот и Третиот енергетски пакет за правилата во секторот на природен гас при соработката со руските партнери. Актуелните проблеми во енергетскиот сектор ги потенцираат другите проблеми на земјата- растечката политизација во државните институции и драматично нарушената политичка состојба. Тоа што ние го сведочиме е растечка изолација на земјата од меѓународната заедница“.
Во образложеното мислење, понатаму Секретаријатот го повторува својот став дека измените на Законот за енергетика во земјата донесен во октомври 2014 година ги лишува малите бизниси и сите домаќинства од нивното право сами да изберат од кого да купуваат електрична енергија со што ги обврзува да продолжат со купување на електрична енергија од актуелниот монопол.
Токму тогаш Европската енергетска зедница и даде рок од два месеци на владата да ја корегира одлуката. Но, дали тоа ќе се случи сега со новиот закон е незивесно, со оглед дека одлуката на власта да се одложи либерзалицијата, беше донесена иако дел од енергетските компании веќе имаа направено подготовки за функционирање на либерализираниот пазар на електрична енергија, па лутите конккуренти одложениот процес го толкуваа, како договор меѓу власта и компанијата ЕВН, од која сега граѓаните може само да се снабдуваат со струја, нешто што беше негирано од страна на оваа компанија.
Слично
