Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЕУ: Кризата во Македонија трае премногу долго

ЕУ: Кризата во Македонија трае премногу долго

Политичката криза во Република Македонија трае премногу долго. Нема време за губење. Има многу работи кои треба да бидат направени и се потребни тешки и сериозни одлуки кои ќе бидат донесени во најскоро време од оние кои се одговорни.

Тоа, го рече амбасадорот на ЕУ во Скопје Аиро Орав за време на неговиот состанок со амбасадорите на ЕУ по повод денот на Европа.

„Македонија е посебен случај. Повеќе од шест пати ЕУ препорача започнување на преговори за членство. За жал не сме во можност да го сториме тоа“, рече уште Орав.

Според него, договорот од Пържино бил надеж за граѓаните од земјата и меѓународната заедница.

„За жал, она на кое бевме сведоци минатата година, се блокадите, одложувањето и неисполнувањето. Но, тоа е само врв од сантата мраз. Минатиот месец го видовме и самиот санта мраз при прогласувањето на амнестијата. Нема време за губење. Тешки и сериозни одлуки мора да бидат донесени денес, утре, од оние кои се одговорни за ситуацијата. Така ќе одиме заедно напред. Ако ви е потребна помош - ЕУ е тука. Во ЕУ многу се надеваме дека оваа криза ќе остане во минатото и ќе започнеме преговори, кога тоа биде можно“, рече Орав.

Американскиот амбасадор во Скопје Џес Бејли рече дека дипломатите се во постојана комуникација со политичките партии.

А како јавните личности и новинари ја толкуваат кризата?

Ставот на Марјан Николовски – Уредник ТВ Сител е дека единствен пат за некоја подолгорочна стабилност се избори како излез од кризата. Но избори на кои ќе учествуваат двете најмоќни партии во политичкиот блок кај Македонците. Но, токму тоа е проблемот. Тие избори опозицијата, барем во овој период нема да ги прифати, не од тоа што нема услови за нив, туку од ставот на поединци во СДСМ дека изборите треба да се одолговлекуваат се додека рејтинзите на двете партии не се доведат до некоја блиска точка. Нивната филозофија е дека продлабочувањето на кризата ќе го урива ВМРО ДПМНЕ полека но сигурно. И фокусот на опозицијата е кон тоа сценарио.

Целиот негов став прочитајте го овде.

Новинарот  Зоран Фиданоски пак очекува правна разрешница пред политичка.

Ако прашањето дека нема избори на 5 јуни е апсолвирано, тогаш работите може едноствано да се наредат и да се добие едно сценарио за излез од кризата. Прво, да се повлече аболицијата, а Иванов да си даде оставка.  Второ да се прочисти ама вистински избирачкиот список (затоа што знам и поединечни примери дека тоа не е направено) и тој да се усвои со консензус, а не со надгласување во ДИК. Трето, да се овозможи СЈО нормално да си ја работи работата за што и е формирано, а тоа подразбира во најскоро време специјално одделение во Кривичниот суд кое ќе ги процесуира, а не како досега – ан-блок – ќе ги одбива сите аргументи на “специјалните“ обвинители. Дополнително, како Дамоклов меч над главата виси иницијативата пред Уставен суд за негово укинување. И, четврто да се отвори и со брзи чекори да се оди низ процесот на медиумски реформи по кои ќе имаме вистински, а не симулиран баланс, објективизам и пред се професионализам во новинарството (ова последново и со сите обиди да се создаде перцепција го немаме). Сето ова да се реализира, па дури потоа да се оди на избори. Тоа подразбира условен датум што, според мене во најдобар случај, би бил некаде напролет идната година заедно со локалните избори. - Целиот став ОВДЕ.

„Не смее да се дозволи, изборите да бидат покритие за очигледниот криминал на владеачката елита, туку мораат да бидат шанса за нов почеток за сите, и победниците и победените..Во спротивно ќе мора, 5 багери на чело на колони од неколку илјади луѓе, кои од 5 градови ќе тргнат кон Скопје на средба со сопствената судбина“ ... е ставот во однос политичката криза според Сафет Бишевац.

„Полу нашега полу вистина, ама ова е прашање за милион долари. Но,  што би рекле нашите северни комшии “ Ѓаво однео шалу“ и богами за сегашнава состојба ова држи. Бидејки ние повеќе пати во изминативе 25 години  покажавме дека не сме кадарни без помош од “странците“ да ги решаваме работите и сега решението или ако сакате излезот од кризата сите го очекуваме од меѓународната заедница. Поточно сега сите очекуваме што ќе ни донесе германскиот дипломат Јоханес Хајндл кој од страна на Меркел беше именуван како специјален преставник за Македонија“ , вели за Фактор во однос на политичката криза Тодор Петров .

Слично

Поврзани вести