ЕУ ја продолжува граничната контрола во Шенгенот
Европската унија одлучи да ја продолжи граничната контрола во рамките на Шенген зоната за уште 3 месеци за да се справи со кризата со мигрантите.
Во минатиот месец, Европската комисија препорача Австрија, Данска, Германија, Шведска и Норвешка (која не е дел од ЕУ) да ги спроведуваат контролите на границите и по 15 ноември, кога истекува крајниот рок и тие требаше да отпаднат.
Сите земји се членови на Шенген зоната, во која во принцип важи правилото на слободно движење, без да се потребни проверки на пасошите.
Контролата на внатрешните граници беше наметната повторно, за да биде запрен протокот на илегални мигранти кои доаѓаат од Грција и Италија.
Европскиот совет, составен од 28-те државни лидери на земјите членки, како и од претседателот на ЕК, ја одобри препораката.
“Советот денеска го усвои предлогот на Комисијата за продолжување на соодветните контролни механизми на некои внатрешни Шенген граници во Германија, Австрија, Шведска, Данска, и Норвешка“, пишува во соопштението на ЕК.
„Нашата крајна цел е да се вратиме кон Шенген што е можно поскоро. И иако се уште не сме го постигнале тоа, ситуацијата се подобрува. Затоа продолжувањето ќе биде само за 3 месеци и ќе има поинтензивни обврски за известување, во споредба со досегашните“, рече Роберт Калинак, министер за внатрешни работи на Словачка и претседател на советот.
