ЕУ и нуди на Србија милијарда евра помош
Србија може да смета на една милијарда евра помош од фондот за солидарност на Европската унија заради отстранување на долгорочните последици од катастрофалните поплави, изјави денеска комесарката за хуманитарна помош и вонредни ситуации Кристалина Георгиева.
- На Србија како на земја-кандидатка и се достапни средства од Фондот на европската солидарност во вредност од милијарда евра годишно, истакна еврокомесарката на прес-конференција во Брисел.
Станува збор за Фонд, кој е воспоставен по тешките поплави во централна Европа минатата деценија, а услов е штетата од поплавите да не надминува 0,64 отсто од Бруто националниот доход на погодената земја.
- Освен тоа комесарот за проширување Штефан Филе бара начин за издвојување дополнителни средства од претпристапните фондови, рече таа.
Георгиева додаде дека за Босна и Херцеговина, која нема статус на кандидат, пристапот до фондовите е покомплициран.
- Реагиравме веднаш откако ги примивме барањата од Србија и БиХ, укажа таа и додаде дека веднаш се испратени пумпи со висок капацитет, хеликоптери и чамци, а во меѓувреме се испратени вкупно 450 волонтери од земјите-членки на Унијата.
