ЕУ, Г7 и Австралија воведоа плафон за руската нафта од 60 долари за барел. Што тоа значи од понеделник?
Русија во понеделник ќе се соочи со ограничување на цената на нејзината нафта од 60 долари за барел, откако Европската унија, Г7 и Австралија се договорија да ги ограничат приходите на Москва што се користат за финансирање на конфликтот во Украина, пренесе АФП,.
Одредената цена мора да биде доволно висока за да го задржи интересот на Русија да продолжи да продава нафта на тие земји, но под пазарната цена за да го ограничи приходот што може да го добие од неа, се вели во договорот.
Механизмот ќе стапи на сила во понеделник „или многу брзо потоа“, соопштија од Г7 и Австралија. Ембаргото на ЕУ за руската нафта што се транспортира по морски пат стапува на сила во понеделник.
Испораките може да продолжат само со нафта што Русија ја продава по цена од 60 долари или пониска. Доколку се надмине овој плафон, на компаниите ќе им се забрани да ги даваат услугите што овозможуваат поморски превоз (карго, осигурување и сл.).
Земјите од Г7 обезбедуваат осигурителни услуги за 90 проценти од товарот во светот, а ЕУ е главен играч во поморскиот транспорт - така што ова е сигурна пречка, но и ризик од губење на бизнисот пред конкурентите, забележува Франс прес.
Русија, вториот најголем извозник на сурова нафта во светот, предупреди дека повеќе нема да испорачува нафта на земјите што го прифатиле ограничувањето.
Без овој плафон, би било лесно да се најдат нови купувачи по пазарни цени. Цената на руската нафта (сурова нафта од Урал) моментално е околу 65 долари за барел, што е малку над границата на ЕУ и сугерира ограничено краткорочно влијание.
„Ќе бидеме подготвени да ја разгледаме и прилагодиме максималната цена доколку е потребно“, се вели во соопштението на Г7 и Австралија. Мора да се најде и плафон за руските нафтени деривати од 5 февруари 2023 година.
