ЕУ бара поголема фискална дисциплина од Македонија
Пораките на Европската комисија во најновиот извештај за Македонија се особено важни во делот на економијата и фискалната дисциплина, анализираат дел од експертите.
„Сметам дека најсилната критика на Извештајот во економскиот дел останува да биде во поглед на фискалната непрудентност. Имено, како и домашната експертска јавност, и ЕУ останува загрижена околу зголемените тековни трошења, за плати, пензии и социјала, што сето се става на товар или на капиталните расходи или го зголемува дефицитот, а последователно и јавниот долг, кој сега е на рекордно ниво во периодот по конфликтот. Дополнително на ова, недоволната фискална транспарентност и понтаму прави на потезите на фискалната политика да се гледа со уште поголема скептичност“, вели за Фактор Марјан Петрески, универзитетски професор на Американ колеџ.
Според него, втората главна критика останува околу пазарот на труд и потребните реформи таму.
„Меѓутоа сметам дека оваа критика е помалку издржана споредено со првата, со оглед дека реформи со релативно задоволително темпо се прават во таа област, меѓутоа резултатите не може да дојдат преку ноќ. Иако, важно е инвестициите во активни политики на пазарот на труд да се зголемуваат, а за сметка на тоа да се запази поголема прудентност во делот на зголемување на пасивните мерки, бидејки тие не ја зголемуват вработливоста на примателите, иако се полесни за имплементација“, вели тој.
Интервјуто со универзитетскиот професор Марјан Петрески во целост ќе го објавиме утре.
Г.Ч.
Слично
