ЕУ бара од Србија да одлучи – Брисел или Москва!
Еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување Јоханес Хан, во пресрет на неговата денешна посета на Белград, преку интервју во српски „Блиц“ упатува порака дека ЕУ очекува од Србија да ги почитува своите обврски, па и по прашањето за санкциите кон Русија.
„Посветеноста на Србија за нејзината иднина во Унијата не смее да поматена од балансирање во односите меѓу ЕУ и Русија“, истакнува Хан, кој на оваа функција го наследи досегашниот еврокомесар за проширување Штефан Филе.
Тој вели дека донекаде има разбирање за историските врски меѓу Белград и Москва и знае дека одлуката не е едноставна, но Србија самата го избрала приклучувањето во ЕУ како своја стратешка цел.
„Важно е за лидерите во Белград непрекинато да покажуваат дека Србија останува при својата стратешка цел, и тоа да го демонстрираат не само со зборови, туку и со дела“, вели Хан.
Со Србија во тек е скрининг процесот по чие завршување земјата и формално треба да ги започне преговорите за членство во ЕУ. Хан вели дека динамиката на тој процес ќе зависи само од српските власти.
Македонија и Србија се меѓу ретките земји во Европа, кои се уште не се приклучиле кон европските санкции кон Русија. Српските власти во неколку наврати нагласуваат дека членството во Унијата останува приоритет на земјата, но не по цена на историското пријателство со Москва.
Слично
