ЕСМ започна со купување на увозна струја
АД ЕСМ започна со купување на увозна електрична енергија во грејната сезона. Во соопштението што го испрати до јавноста, државните електрани известуваат дека во текот на вчерашниот ден се купени 2.400 мегаватчасови.
„Како што ЕСМ веќе најави, за периодот 7-13 ноември во испораката кон ЕВН Хоум ќе биде вклучувана одредена количина набавена електрична енергија, по цени кои се исти со производната цена на ТЕЦ Неготино. За вчерашниот ден, во испораката беа вклучени 2.400 MWh набавена електрична енергија“, пренесува ЕСМ.
Генералниот директор Васко Ковачевски од претходно најави дека од 7 до 13 ноември ЕСМ ќе купува увозна електрична енергија од приватни снабдувачи за 3,6 милиони евра. Цената, според изјавата, би била по 215 евра за мегаватчас.
- Ќе се купат 16.800 мегаватчасови за кои од добавувачите добивме известување дека ќе се продава по 215 евра од мегаватчас Тоа се само 3,6 милиони евра само за една недела, потврди Ковачевски.
Инаку ЕСМ вчера со свои ресурси произвел 10.600 мегаватчасови електрична енергија.