ЕСМ во 2022 стопроцентно ќе му ја продава електричната енергија на ЕВН
Васко Ковачевски, генералниот директор на АД ЕСМ, на денешната прес-конференција со медиумите рече дека најголемиот домашен производител на електрична енергија следната година, наместо најмалку 60 како што е законскиот минимум, со 100 отсто ќе биде покриен универзалниот снабдувач ЕВН.
- Една табела од цени е доставена до Владата која треба да подготви препорачана цена. Она што е законска обврска е дека во 2022 треба да обезбедиме минимум 60 отсто, но ние 100 проценти ќе испорачуваме кон ЕВН. Тоа значи дека ЕВН нема да купува електрична енергија за остатокот по повисоки цени, рече Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање.
Министерот за економија Крешник Бектеши потврди дека снабдувањето ќе биде стоотстотно за да нема ценовни шокови за компаниите и граѓаните.
Ковачевски додаде дека ТЕЦ Неготино е во функција, но за да почне со производство се чека испораката на 38.000 тони мазут, која треба да покрие период до средината на јануари, а потоа до април да пристигнат нови количини.
Според првиот човек на ЕСМ, РЕК Осломеј работи со максимален капацитет, додека третиот блок на РЕК Битола нема да работи оваа година.
