ЕСМ со нов повик за гас откако „Макпетрол“ не достави понуда
Денеска истече последниот рок за да се одберат квалификувани понудувачи кои би го снабдувале Скопје со природен гас за обезбедување топлинска енергија, но откако немало склучен договор со ниту една компанија, ЕСМ Продажба соопшти дека е објавен нов повик.
Во истото соопштение, за прв пат се објавува и дека „Макпетрол“, досегашниот снабдувач со природен гас преку „Газпром“, воопшто не земал учество на првиот повик што беше објавен на 15 декември за набавка на енергенсот од 1 јануари до 30 април 2023.
Она што е интересно е тоа што во овој повик, ЕСМ Продажба освен за топланите и другите енергетски капацитети, споменува потреба од природен гас и за индустриските и угостителските објекти.
„ЕСМ Продажба објави нов повик за снабдување со природен гас на топланите и на другите потрошувачи во државата ЕСМ Продажба објави повик за прибирање понуди од домашни и странски компании кои имаат можност да обезбедат и да испорачаат потребна количина на природен гас за производство на топлинска енергија за топланите Исток, Запад, Енергетика и Скопје Север, како и за останатите потрошувачи на природен гас во Р. Северна Македонија, пред се поголемите производствени и услужни капацитети“, се вели во соопштението.
Според ЕСМ, на минатонеделниот повик немало верификувани понуди од други, а досегашниот испорачател Промгас – Макпетрол не доставил понуда.
„Повикот ќе биде од отворен карактер, и во однос на количините и во однос на времетраењето на испораката од страна на снабдувачите, за периодот 1.1-30.4.2023г.“, додава ЕСМ.
„Макпетрол“ и Владата ја вжештија атмосферата во овие студени зимски денови! Шок и неверување во јавноста по соопштението со кое „Макпетрол“ ја извести јавноста дека од Нова година нема да ги снабдува своите клиенти со природен гас. А „Макпетрол“ е убедливо најголем пазарен учесник кој покрива над 70 отсто од потребите на пазарот за природен гас.
