ЕСМ се откажа од загревање со дизел, купени нови количини на гас
АД ЕСМ купи нови количини на гас за топланите Исток и Запад за до крајот на ноември, а од таму денеска соопштуваат дека намерите за користење на дизел се одложуваат до добивањето на соодветните дозволи од Министерството за животна средина.
„АД ЕСМ ја обезбеди потребната количина природен гас за работење на топланите Исток и Запад за периодот 16-30 ноември 2022г. Гасот е обезбен од Макпетрол по цена од 1345 евра за 1000 нм3.
АД ЕСМ и натаму ќе продолжи да врши набавки на гас за покуси временски периоди со цел да се искористи финансиската поволност од континуираното намалување на цената на гасот на пазарот.
Како што и претходно информиравме, топланите ќе продолжат да работат на природен гас во текот на грејната сезона како основен и најеколошки енергенс за нивно функционирање“, вели сега ЕСМ.
Од таму додаваат дека ќе продолжи технички да се подготвуваат топланите за тестирање за користење на алтернативно гориво дизел, како резервно решение за во случаи во кои поради геополитички случувања во Европа гасот би станал недостапен на пазарот или би достигнал екстремно високи цени.
„Тестирањето ќе се врши по обезбедување на сите соодветни дозволи од надлежните институции и почитување на приписите за постапката“, додава ЕСМ:
