Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЕСМ се откажа од купување на резервен мазут за загревање, но ќе добие од државните резерви

ЕСМ се откажа од купување на резервен мазут за загревање, но ќе добие од државните резерви

АД ЕСМ се откажа од купување на мазут за топланите Исток и Запад, од каде се загреваат домовите на скопјани, и наместо тоа ќе го добие ова еколошки непрепорачливо гориво на лагер од државните резерви доколку за тоа биде потребно, бидејќи во моментов цената на природниот гас, барем на оној што е достапен во земјата, е превисока. Не е познато кога последен пат двете градски топлани работеле на мазут.

Од Владата на крајот од минатата година донеле одлука од задолжителните резерви на нафтени деривати да се отстапат без надомест 10.788 тони мазут за "Електрани на Северна Македонија", за обезбедување на „непречено работење на Акционерското друштво“

- Трошоците за испорака, односно транспортните и манипулативните трошоци, како и трошоците за акциза и данокот на додадена вредност за отстапениот мазут од член 1 на оваа одлука паѓаат на товар на Акционерското друштво за производство на електрична енергија "Електрани на Северна Македонија", во државна сопственост, Скопје, пишува во одлуката.

Од ЕСМ тврдат дека овие 10 илјади тони се доволни да се исполни, како што велат, законскиот лимит од најмногу 15 дена во грејната сезона за загревање на мазут. Претходно на повикот на 31 декември со кој од Електрани бараа до 11.000 тони мазут за топланите Исток и Запад не се јави никој, а од компанијата соопштија дека законска обврска е да го обезбедат. Во случај да снема гас, второто алтернативно гориво кое го користат топланите за производство на топлинска енергија е мазутот, кој може да се употребува само 15 дена.

- Огласот е затворен и нема да биде распишан нов повик. Доколку има потреба,  АД ЕСМ  ќе ги активира сопствените резерви на мазут  со кои располага, а кореспондираат со количините потребни за 15 дневна работа на топланите, ни рекоа од ЕСМ.

Од таму велат дека самите побарале од Владата да им отстапи резерви на мазут од своите депоа како сигурност за време на грејната сезона.

- Поради обезбедување на стабилно и континуирано производство на енергија во услови на претходно прогласената кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија, АД ЕСМ побара од Владата,и таа донесе Одлука за отстапување на одредени количини мазут, без надомест, на АД ЕСМ,  од задолжителните резерви на нафтени деривати, за обезбедување на непречено работење, велат од компанијата.

Во 2022 кога цената на природниот гас го достигна пикот, постоеше обид да се приспособат двете топлани на работен режим на дизел, како подобро алтернативно гориво од мазутот, но идејата не заживеа. Меѓутоа, не се користеше ниту мазут бидејќи скопјани стравуваа од висока концентрација на загадување. Надлежните органи тогаш самите рекоа дека нема соодветни филтри за овој енергенс и дека мазут може да се користи само ако воопшто го нема основното гориво.

Инаку овие објекти, иако се во приватна сопственост, се менаџираат од ЕСМ откако беше преземено загревањето од Балкан Енерџи Груп. Топлинска енергија се купува и од гасната централа ТЕ-ТО

А.К.



Слично

Поврзани вести