ЕСМ направи загуба од над 100 милиони евра втора година по ред
Најголемиот призводител на електрична енергија и столбот на македонското електростопанство - АД ЕСМ и годината 2025 ќе ја заврши со загуба од над 100 милиони евра, нешто што порано беше незамисливо.
Официјална завршна сметка нема за 2025, но Министерството за финансии ги објави резултатите од работењето на јавните претпријатија и акционерски друштва чиј основач е државата за четвртиот, односно последниот квартал од минатата година. Таму стои дека ЕСМ, сопственик на РЕК Битола, РЕК Осломеј, најголемите хидроцентрали, ветерен парк Богданци и други енергетски капацитети, направил загуба од 16,75 милиони евра во последното годишно тромесечие.
Со тоа ЕСМ, исто како и во 2024, ги заврши сите квартали во 2025 со загуба. Во третиот квартал во 2025 негативата изнесуваше 14,4 милиони евра. ЕСМ во вториот направи голема загуба од 32 милиони евра, а во првиот од ланската година имаше „дупка“ од 45 милиони евра. Тоа значи дека ЕСМ, кој во меѓувреме неколку пати се задолжи кај домашните приватни банки, има годишна загуба од околу 110 милиони евра.
Евиденцијата покажува дека дури осум квартали по ред државните електрани работат со значителен негативен резултат кај сите од нив. Инаку друштвото ја заврши претходната 2024 година со загуба од рекордни 123 милиони евра, иако изгледа дека и оваа последната нема да биде подобра.
Генералниот директор Лазо Узунчев изминатиот период прогнозираше дека загубата ќе биде околу 100 милиони евра. Првиот човек на ЕСМ рече дека самата набавка на електрична енергија, која не е произведена, чинела над 100 милиони евра и дека потфрлен е годишниот план за производство на струја. Наведе дека ќе треба време за консолидирање на претпријатието и дека од 2027 очекува да работи со добивка.
- Ние и да побараме финансиска помош (од државата), нема да ни биде дадена. Тоа ни е кажано уште од стартот. Тие само ги кажуваат нивните очекувања. Ние сме тие што треба да направиме целосна оптимизација на работните процеси, да направиме намалување на оперативните трошоци и конечно да ја изведеме компанијата на здрав финансиски план, истакна тогаш Узунчев.
Засегнати страни веќе реагираа дека задолжувањето на ЕСМ кај приватни банки и наталожувањето на обврските може да доведе до барање за стечај на оваа државна компанија од стратешко значење, но од раководството беше категорично демантирано дека може да дојде до такво нешто.
