Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЕСМ купил повеќе мазут и потрошил повеќе пари, а произвел помалку струја од високозагадувачкото гориво

ЕСМ купил повеќе мазут и потрошил повеќе пари, а произвел помалку струја од високозагадувачкото гориво

Електрани на Северна Македонија во текот на минатата година потрошил повеќе пари за мазут како алтернативно гориво за јагленот за термоелектраните во Битола и Осломеј, но и самите количини биле евидентно поголеми. Биле потрошени вкупно 33,3 милиони евра за мазут за РЕК Битола и за РЕК Осломеј. ЕСМ самиот признава во објавениот извештај за работењето во 2025 дека морал да користи повеќе мазут, поради неквалитетниот јаглен кој го користи.

Повеќе пари за мазут се потрошиле и за РЕК Битола и за РЕК Осломеј, а исто така и двете термоцентрали користеле поголеми количини од ова додатно, но фосилно гориво со високи емисии. За РЕК Битола биле потрошени 46.747 тони или 16,8 отсто повеќе, а РЕК Осломеј согорил 11.851 тони, или дури 42,12 проценти повеќе во 2025 споредено со една година претходно.

Помала била и ефикасноста од овој високозагадувачки енергенс. Кај РЕК Битола се трошеле по 23,88 тони за да се произведе еден гигаватчас енергија, што е за 23,58 повеќе споредбено со 2024, додека кај РЕК Осломеј ситуацијата е многу полоша - таму се трошеле дури 96,81 тони мазут за еден гигаватчас енергија или дури 120 отсто повеќе по само една година.

Поради исцрпеност на рудниците за јаглен, ЕСМ и минатата година набавувал големи количини преку надворешни доставувачи. Но од она што може да се заклучи од објавениот извештај за работата на ЕСМ во 2025 е тоа дека се купувало помалку јаглен во однос на една година претходно, но затоа количините на мазут пораснале многу повеќе како надоместување.

„Производството на термоелектричните централи во однос на лани е остварено со 466.781 тони помалку јаглен [10,55 %) и 10.239 тони повеќе мазут [21,17 %] во однос на потрошеното во 2024 година. Потрошувачката на мазут е како резултат на недовршената модернизација на котлите во РЕК „Битола" и намалениот квалитет на јагленот, што може да се види од калоричната вредност на јагленот изразена во килоџули по килограм“, објави ЕСМ во извештајот.

Во самиот документ е запишано дека набавките на јаглен од надворешни доставувачи е намалена за повеќе од 19 милиони евра на годишно ниво, но затоа за мазут биле потрошени околу 2,5 милиони евра повеќе. Контрадикторно е тоа што иако се зголемиле количините и парите на потрошен мазут, се намалила произведената струја од истиот.

„Потрошениот мазут за производство на електрична енергија вредносно е зголемен за 7,71 отсто односно 146.777 илјади денари во однос на 2024. За период 01.01.-31.12.2025 година во РЕК Осломеј потрошувачката на мазут вредносно е зголемена за 31,19 % додека количински потрошувачката на мазут е зголемена за 42,12% во однос на истиот период минатата година но се произведени помалку 66 гигаватчасови, а во РЕК Битола потрошувачката на мазут вредносно е зголемена за 2,95% додека количински потрошувачката на мазут е зголемена за 16,80% во однос на истиот период минатата година, додека се произведени помалку - 114 гигаватчасови“, соопштено е во извештајот.

А.К.

Слично

Поврзани вести