ЕСМ за една недела купи струја од „приватници“ за околу 11 милиони евра
АД ЕСМ ќе потроши уште 4.100.000 евра за електрична енергија од приватни снабдувачи во периодот од 22 до 30 ноември. Оваа струја нема да ја произведе, туку ќе ја плаќа по околу 127-128 евра по мегаватчас. За споредба, производната цена на ЕСМ од термцентралите е околу 100 евра, а продажната што му ја предава на универзалниот снабдувач на домаќинствата и малите потрошувачи - ЕВН Хоме е 62 евра.
Владата на вчерашната седница требаше да ја одобри новата цена која ЕСМ ќе му ја понуди на ЕВН за 2026 година. Беше кажано дека информацијата е класифицирана и дека ќе биде позната кога ќе се објави како прифатена на тендерот на универзалниот снабдувач.
Нов продавач на ЕСМ е РеНРЏИ Трејдинг Гроуп, уште една трговска компанија за снабдување со електрична енергија од Албанија, а струја се купувала и од гасната централа АД ТЕ-ТО и од грчката Протергиа Енерџи, инаку главен снабдувач на увозен јаглен во земјата.
Она што повеќе загрижува е дека на повик објавен на 11 ноември е повторно купена електрична енергија од надворешни снабдувачи, овој пат за користење за месец декември, за околу 6,6 милиони евра. Прифатени се понуди од три различни приватни оператори. Значи, за период од 11 до 19 ноември преку три огласи купена е струја од околу 11 милиони евра.
ЕСМ од порано веќе купи на подолг план електрична енергија за 6.767.424 евра за месец ноември и за 14.864.376 евра за месец декември.
Ако се соберат резултатите од тековните и претходните повици, излегува дека за ноември и декември ќе се потрошат неверојатни 32 милиони евра.
Промената на цената на струјата што ќе ја плаќаме од следната година најмногу ќе зависи од цената по која ќе ја понуди ЕСМ струјата на тендерот на „ЕВН Хоум“, која во јули немаше промени и изнесуваше 62 евра за мегават-час. Поради тоа, цената на електричната енергија за домаќинствата и за малите потрошувачи остана непроменета.
А.К.