ЕСМ ќе му плати 24,5 милиони евра на ТЕ-ТО за да имаме доволно струја за два месеци
Електрани на Македонија втор месец по ред ќе го купува по комерцијална цена поголемиот дел од производството на електрична енергија на гасната централа ТЕ-ТО од Скопје, за да ги покрие недоволните количини за снабдување на домаќинствата и малите потрошувачи. Струјата што ЕСМ ќе му ја плати на ТЕ-ТО за февруари изнесува речиси 12 милиони евра.
На повикот за покривање на недостатоците за електрична енергија и во февруари (од 1-ви до 28-ми) е избрана когенеративната централа, инаку во крајна сопственост на Territorial’naya Generiruyushchaya Kompaniya No2 од Русија и Sintez Green Energy со седиште на Кипар..
ЕСМ за целиот февруари, според постигнатиот договор, ќе купи 94.080 мегаватчасови електрична енергија од ТЕ-ТО по цена од 126,9 евра по мегаватчас. Инаку според извештајот на АД ТЕ-ТО, во последното евидентирано месечно производство - декември 2025, произведени се 153.000 мегаватчасови и тоа е најдобриот месец за 2025 за централата. Тоа значи дека повторно, како за јануари 2025, ќе биде купен поголемиот дел од произведеното на когенеративната постројка од страна на ЕСМ.
Државата во изминатиот период не изгради, ниту пак започна со изградба на своја гасна централа, но затоа за два месеци по ред - јануари и февруари, на ТЕ-ТО ќе му плати вкупно 24,5 милиони евра.
АД ЕСМ на 16 декември објави повик за снабдување на електрична енергија од 1 јануари до 31 јануари за потоа истата да му ја испорача на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум по многу пониска цена заради целосно задоволување на потребите на домаќинствата и малите потрошувачи на регулираниот пазар.
На огласот за јануари е прифатена понудата на гасната централа ТЕ-ТО и тоа по 119,5 евра за мегаватчас и количина од 104.160 мегаватчасови. Тоа значи дека ЕСМ, според договорот, во текот на јануари ќе му исплати на ТЕ-ТО околу 12,5 милиони евра.
Практично ЕСМ ќе му ги обезбеди поголемиот дел од приходите на ТЕ-ТО, ако се знае дека од гасната централа, покрај струја вонредно, редовно во грејната сезона се купува и топлинската енергија за парно загревање на Скопје..
И оваа и претходната власт најавуваа изградба на когенеративни централи кои ќе работат на природен гас. Експертите велат дека за изградба на една е потребно време од четири години, но почетокот не е ни на повидок. Дури и да започнат да се градат, најавите се дека тоа ќе го направи странски инвеститор кој би управувал и со гасната мрежа. ЕСМ единствено ја поседува „Когел“, постројка на гас, но за производство на електрична и топлинска енергија во многу мали количини.
А.К.
