ЕСМ има гас за загревање уште за денес
Државната компанија ЕСМ (Електрани на Северна Македонија) има резерви гас само за уште денес. Од компанијата за Телма изјавија дека нема да има никакви проблеми со греењето, но не известија дали има нова склучена набавка на енергенсот.
Откако почна грејната сезона, ЕСМ, која ја презеде обврската зимава да ги грее скопските домаќинства во кои има парно греење, купува гас за кратки периоди од по две недели. Надлежните уверуваа дека ваквиот начин на набавка во моментов е подобар, со оглед на брзите и големи промени во цената на гасот на пазарот.
Поради тоа што топланите немаат филтри, а гасот е достапен на пазарот, Министерството за животна средина забрани топланите да користат мазут или дизел како гориво.
ЕСМ на 12 ноември соопшти дека купи гас со кој ќе се покрие производството на топлинска енергија до крајот на месецот и дека набавките ќе продолжи да ги прави за покуси временски периоди за да се искористи падот на цената на енергенсот.
Планот на државната компанија беше и да се користи дизел горивото како примарен енергенс за затоплување на домовите иако беше најавено како тест период од десетина дена.
