Ескалира политичкиот судир на власта и синдикатот - Дали ССМ е супститут за СДСМ?
Со засилувањето на протестите организирани од Сојузот на синдикати на Македонија треба да се постигне ескалацијата на политичкиот судир меѓу власта и синдикалното движење. Секако овој судир не е идентичен како пресметките меѓу владејачка и опозициска партија, но треба да обезбеди доволно гориво за актуелизација на владините политики со еден „достоен“ противник, кој не е СДСМ, но е доволно „прилепен“ за да се перцепира како опозициски супститут.
На секоја власт и е потребна опозиција, исто како што на Бетмен му е потребен Џокер. Кога опозицијата е слаба и нема јасна политичка цел, тогаш власта природно си бара контратежа во останатите општествени актери.
Политички вакуум: Потрага по „совршен“ непријател
Откако Али Ахмети и ДУИ беа поразени на локалните избори во 2025 година, на Мицкоски му е потребен нов конфликт, нова тема за медиумско поентирање на неговите сурогати и поддржувачи.
Тоа е пласирање на тезите дека синдикалните барања не се всушност работнички барања и борба за повисоки плати, туку политичка замена за опозицијата преку организација на протести и артикулирање на незадоволството и неодобрувањето на владините политики.
Исто така помалку изненадува студениот однос на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ кон Сојузот на синдикати на Македонија, бидејќи само пред неколку години, додека тие беа во опозиција, јавно излегоа на тогашните протести на синдикалците, даваа поддршка за нивните барања, иако беа свесни дека присуството на партиски лица може да го засени протестот.
Сега, кога на протестите на истиот синдикат се појавија припадници на СДСМ и други политички партии тоа веднаш беше уловено како „јасна партиска поддршка и позадина“ на ССМ. Истите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ кои на тогашните протести даваа поддршка на ССМ, денес го обвинуваат синдикатот дека е продолжена рака на СДСМ.
Блокиран дијалог во време на глобална неизвесност
Можеби овој „политички танц“ е интересен за анализа во услови на досадна меѓупартиска дебата и недостиг на вистински искри меѓу власта и опозицијата, но реалноста е дека социјалниот дијалог е ставен како залог, бидејќи моментално воопшто не функционира овој демократски институт каде треба да се соочат барањата и на работодавачите и на работниците.
Во услови на засилена неизвесност од бранувањата кои ќе ги предизвика вештачката интелигенција врз економиите и пазарот на труд, да се губи време во дебати за минималната плата и трошење на енергијата на Економско-социјалниот совет е во одредена мера и неодговорно.
Најрадикалните предвидувања посочуваат дека за 12 до 18 месеци поради вештачката интелигенција ќе бидат избришани речиси половина од влезните работни места во т.н. сектори на белите јаки, односно административни работници, финансии и сметководство, менаџмент, маркетинг, правен сектор и ИКТ.
Последиците во македонската економија можеби ќе дојдат подоцна, но времето за прилагодување е многу ограничено. Лекцијата од карантините и ограничувањата за време на корона-кризата како и промените во работните места по пандемијата како да не е навреме научена, дека пазарот на труд, а со тоа и самите компании мора брзо да се прилагодуваат на брзите промени, предизвикани што од технологијата, што од глобалната неизвесност и последователните кризи.
Наместо да се говори за модернизација на законот за работни односи и реформа на образованието за навремено создавање квалитетни кадри, се губи време во тоа колку да изнесува минималната плата и дали воопшто работниците заслужувале покачување или не.
Можеби и двете страни имаат разумни аргументи на своја страна, но време е за договор и компромис и ставање „ад акта“ на темата минимална плата, а потоа фокус на многу посуштински реформи на пазарот на труд, образованието и економијата.
Х.С.