ЕСКАЛАЦИЈАТА НА НАПНАТОСТА ВО УКРАИНА ЗЕМА ДАНОК: Светските берзи во пад, инвеститорите вознемирени
На Волстрит, берзанските индекси драстично паднаа во четвртокот, бидејќи инвеститорите, веќе неизвесни за претстојното зголемување на каматните стапки на ФЕД, дополнително беа вознемирени од зголемените тензии меѓу САД и Русија околу Украина.
Dow Jones падна за 622 поени, или 1,78 отсто, на 34.312 поени, додека S&P 500 потона за 2,12 отсто на 4.380 поени, а индексот Nasdaq се намали за 2,88 отсто, на 13.716 поени.
Остриот пад на индексот е последица на обновената тензија меѓу САД и Русија во однос на Украина, пишуваат агенциите.
Американскиот претседател Џо Бајден вчера предупреди дека заканата од руска инвазија на Украина е многу голема, по размената на оган меѓу украинската армија и проруските сепаратисти во источна Украина, што Западот го гледа како можна причина Москва да ја нападне Украина.
Русија негира дека планира инвазија, но рече дека може да преземе одредени воено-технички дејствија доколку не се исполнат нивните безбедносни барања, вклучително и ветување дека Украина никогаш нема да биде примена во НАТО.
Така, тензиите меѓу САД и Русија повторно ескалираа, откако претходните денови тие малку се намалија бидејќи Русија повлече дел од својата војска од украинската граница.
Инвеститорите веќе со недели не се сигурни бидејќи се очекува агресивно да се зголеми каматната стапка на Федералните резерви на САД, имајќи предвид дека инфлацијата во САД го достигна највисокото ниво во последните 40 години.
„Има голема нервоза на пазарот како што се наближува викендот, а ништо не е решено меѓу Русија и Украина. Пазарот е слаб и нервозен, така што има поголема понуда за продажба отколку за купување на речиси секоја делница“, вели Мајкл Џејмс, директор на Wedbush Securities.
Меѓу 11-те најважни сектори на индексот S&P 500, цените на акциите вчера пораснаа само во два - услуги и тргување.
Цените на акциите вчера паднаа и на европските берзи. Лондонски FTSE индекс се намали за 0,87 отсто, на 7.537 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 0,67 отсто, на 15.267 поени, а париски CAC 0,26 отсто, на 6.946 поени.
