Економија, финансии, бизнис

Контакт

Ерменија пред парламентарни избори – Евроазија или Европска унија

Ерменија пред парламентарни избори – Евроазија  или Европска унија

Во недела на 7 јуни во Ерменија ќе се одржат парламентарни избори на кои ќе се одлучи дали сегашниот премиер, Никол Пашинјан, ќе остане во премиерската фотелја или ќе ја загуби власта. Негови противници се неколку необединети опозициони партии, кои тој ги нарекува - проруски. Па така, знаејќи ги неговите намери Ерменија да ја вклучи во ЕУ, прашањето не е само, кој ќе ја добие власта. Тоа е, дали Ерменија во наредните четири години ќе работи повеќе на линијата на приближување кон Унијата или на зацврстување на членството во Евроазискиот економски совет, чиј член е и таа.

Вниманието кон Ерменија се засили по војните со Азербејџан во кои Азербејџанците во 2023 година го вратија Нагорно Карабах во свој состав. Регион кој беше под контрола на Ерменци од 1992 години, стекната по распадот на СССР. Крвавиот расплет беше со протерување на Ерменците од таа територија. Нагорно Карабах во СССР беше дел од Азербејџан, кој, пак, во Ерменија има своја територија – Автономна Република Нахичеван. Таа се простира на површна од 5,5 илјади километри квадратни и има под половина милион жители.

Во последниве месеци вниманието кон Ерменија е засилено поради се’ она што се случува таму. Особено приближувањето кон Западот, но и наглите реакции од страна на Русија поради тоа. Се стекнува впечаток дека односите меѓу двете земји се заоструваат, што може и да е нешто повеќе од впечаток. Последниве недели премиерот на Ерменија доби отворена поддршка од сите што значат нешто на Запад. Прво од Европската унија, која неодамна одржа и собир на Европската политичка заедница во Ереван, а на која беше целиот врв на Унијата и лидерите на четириесетината членки на таа заедница. И речиси сите дадоа поддршка на Пашинјан. А претседателот на Украина, Владимир Зеленски, го искористи настанот за напади врз Русија. Ова во Москва беше жестоко критикувано и тоа на сметка на Пашинјан, кој го овозможил обраќањето на Зеленски.

Државниот секретар на САД Марко Рубио предизборно дојде да го поддржи Пашинјан во реализацијата на проектот (TRIPP) „Патот на Трамп кон меѓународен мир и просперитет“. Иницијатива за патен, железнички и енергетски транспорт ни Ерменија, а кој ќе се протега од Азербејџан до Нахичеванската ексклава. Потпишан беше договор за заедничка соработка околу овој проект. Рубио, исто така, потпиша договор во Ереван за обновување на широко стратешко партнерство и заедничка работа во сферата на критичните природни ресурси. Оние кои постојано ги спомнува американскиот претседател Доналд Трамп. „Ги поставуваме темелите за економски ангажман што ќе им овозможи на Ерменците да заработат пари и да постигнат просперитет, а на Американците да го сторат истото, и да го сторат тоа заедно - што е еден од  најодржливите начини за зближување на земјите“, рече во Ереван Рубио.

БЕЗ СИГУРНА ПОДДРШКА

Американскиот претседател во предвечерието на изборите на него вата социјална мрежа, Truth Social, го поддржа Пашинјан. „Пашинјан, мојот голем пријател и лидер, ја прави својата земја силна, просперитетна и многу безбедна. Наскоро, САД и Ерменија ќе почнат да се движат заедно по „Трамповиот пат“ кон меѓународен мир и просперитет, што ќе го преобрази Јужен Кавказ и ќе им помогне на нашите големи американски енергетски компании да добијат пристап од Централна Азија до САД. Поради овие причини, Никол ја има мојата целосна и безусловна поддршка за реизбор на 7 јуни 2026 година. Со помош на Никол, ќе ги однесеме САД, Ерменија, Јужен Кавказ и Централна Азија до невидени височини“, напиша Трамп во објавата. Да не заборавиме, тој го поддржа и Виктор Орбан во изборите во Унгарија.

За изборите во недела се регистрирани нешто под 2,5 милиони избирачи. Тие ќе одлучат за иднината на земјата. Нема сомнежи дека партијата на Пашинјан „Граѓански договор“ ќе биде победник на изборите, но прашање е дали победата ќе и овозможи да формира влада и да избере премиер. Дали ќе добие и мнозинство места во парламентот? Трите главни опозициони партии, блокот на бизнисменот, Самвел Карапетјан, „Силна Ерменија“, кој е во домашен затвор, потоа „Ерменија “на поранешниот претседател, Роберт Кочарјан или партијата “просперитетна Ерменија“ на Гагик Цуракјан, се’ со намера да го спречат тоа.

Предизборните анкети даваат противречни податоци. Едни велат дека поддршката на Пашинјан ќе биде околу 60 проценти, а други, помалку од 30 проценти.  А со последнава бројка неговата партија тешко дека ќе состави влада.  И на Запад тврдат дека поддршката на опозицијата не е многу мала. Поединечно партиите би добиле од седум до 12 или 14 проценти од гласовите. Една анкета од пред десетина денови покажува дека опозиционерите заедно би добиле 41 процент, додека Пашинјан 28,8 проценти од гласовите.  На друга анкета, направена во април, опозицијата не би добила доволно гласови за да состави влада. Додека Пашинјан би добил 32 проценти. Бројките се јасни. Пашинјан би можел да добие околу 30 проценти од гласовите. Прашање е каде ќе завршат други 70 проценти?

Ривалството пред изборите, и во Ерменија, е проследено со навреди или обвинувања. Пашинјан трите опозициони партии ги нарекува „троглава партија шпиони“, обвинувајќи ги дека работат за Русија. Но и таа не му останува должна, па го обвинува за изгубената војна за Нагорно Карабах, за предавство на националните интереси во договор со “историските непријатели“, Турција и Азербејџан. За раскинување на односите со Русија. Исто и за нападите врз Ерменската црква. Пашинјан стави во затвор некои владици, кои исто така, го обвинуваа за Нагорно Карабах. Одговорот на Пашинјан е дека војната е загубена поради Русија, која не дала поддршка. А оваа тврди дека не можела да даде поддршка, кога Пашинајн, пред војната, во Брисел на средбата со азербејџанскиот претседател, Илхам Алиев потврдил дека Нагорно Карабах е дел од Азербејџан. Што беше и олеснителна околност  Баку да ги протера Ерменците од таа територија. Пашинјан отворено се залага за европска интеграција, за решавање на спорните прашања со соседите, за потоа на раат Ерменија да мисли на својот развој.

ОД ПОПУЛИСТ ДО АВТОКРАТ

Се’ она што сега се случува во и околу Ерменија најмногу ги засега нејзините соседи. Во прв ред Азербејџан. Доколку победи опозицијата тогаш тој не може да смета на однос кон Баку, како со Пашинјан. Илхам Алиев веќе се заканува. Доколку победи позицијата тогаш, според него, ќе настрада ерменскиот народ. И  Иран и покрај војната со САД и Израел не го трга погледот од Ерменија. Со неа има заедничка граница. Но не му е сеедно чие влијание, на Западот, на Турција или Русија ќе биде доминантно во Ерменија. Особено ако се гради патниот коридор од Азербејџан кон Турција. Тука има многу интереси. Ерменија сака да стане „крстопат на светот“, низ кој ќе минуваат рути од Црно Море кон Средна Азија, од Индиска океан, преку Иран до Русија. Со проектот „Патот на Трамп“, предвидено е и енергетско поврзување, кое засега е само замисла. Но Пашинјан тврди дека во Ерменија нема да се зборува за илјади, ниту за милиони, туку за милијарди. Веројатно сметајќи дека ќе се реализираат сите проекти кои ќе и носат на Ерменија голема добивка. Тој дури тврди дека не му треба туѓ гас. Со изградбата на нови гасоводи, Ерменија не ќе треба да го плаќа гасот, за сметка на транспортот низ нејзина територија. Ќе, ќе, ќе...како  сите политичари – популисти. „Гардијан“ пишува дека активистите за човекови права, како Кенет Рот, поранешен извршен директор на Хјуман рајтс воч, велат дека популизмот на Пашинјан се граничи со автократија и се прашуваат дали европските лидери како францускиот претседател Емануел Макрон треба да му дадат толку силна поддршка.

Веројатно Пашинјан е под силен впечаток од Американците. Рубио им ветува дека ќе заработуваат пари. А Трамп енергетска поврзаност со Средна Азија, која, исто би носела пари, но, пред се, на американските енергетски компании и сигурно нешто за Ерменија. Но до реализацијата на овие планови треба да се живее и преживее. И тука почнуваат маките на сегашната власт во Ерменија. Заострувањето на односите со Русија. Повод за тоа е се поголемото залагање на Пашинјан за евроинтеграции. А Ерменија во моментов е членка на Евроазискиот економски совет. Со сите благодети кои тој и ги овозможува. Се разбира на економски план. Во Москва велат нема седење на две столици. Ереван има право да оди во ЕУ, но притоа треба да се откаже од ЕАЕС. Да не се однесува како Србија. Која ем сака пари од ЕУ, ем нафта и евтин гас од Русија и бесцаринска трговија. А за  возврат не воведува санкции кон неа, за што, пак, се лутат во ЕУ и и’ го блокираат напредокот во интегрирањето. Излезот на Ерменија од ЕАЕС ќе биде многу болен за неа. Ќе ги загуби сите поволности што и ги дава тоа, цени на енергенси, бесцаринска трговија, достап до пазарите, пред се рускиот...За ова зборуваше рускиот претседател, Владимир Путин на самитот на ЕАЕС минатата недела во Астана. Иако не прв пат да зборува на таа тема. И во април, кога Пашинјан беше во посета на Москва, горе, долу, беа искажани истите работи. Но во меѓувреме Русија воведе забрана за увоз на минерална вода од Ерменија, а од денес има забрана и за увоз на земјоделски производи, кои главно се извезуваа во Русија.

Путин на средба со новинарите во Астана, околу најновиот развој на настаните и односите со Русија кажа дека и на Пашинјан му рекол дека може да прави како што смета дека е потребно, поаѓајќи од интересите на ерменскиот народ. „Вие сте сега во власта, одговорноста за донесените решенија е ваша, како ќе кажете, така и ќе биде. И какви и да бидат решенијата, тоа нема да ги расипе нашите хуманитарни врски, нашите политички врски“, му рекол Путин на Пашинјан. Но овој пат станува збор за чисто економски содржини. Се’ треба да се пресмета, внимателно да се разгледа и да се донесе решение. „Јас веќе споменував за тоа: кризата во Украина почна некаде со обидите за присоединување на Украина со ЕУ“, рече Путин. Дали ова не е и намекнување на иста судбина на односите и со Ерменија? Според Путин, не е, но ќе има потреба да се прекине работата со Ерменија во сегашниот формат. Затоа што ЕАЕС не може за кратко време да се прилагоди на европските стандарди. Што значи и нови инвестиции, трошоци, за такво нешто.

АЛТЕРНАТИВА

Путин ја нагласи предноста од членство во ЕАЕС и неговото зацврстување во моментов. Достапот до заштитениот пазар на Сојузот, бесцаринската трговија, заедничките норми за многу работи, поедноставената логистика...Тој го спомна и гасот кој Русија и’ го испорачува на Ерменија. Цената е околу 177 евра, а во Европа 600 евра. Во Ерменија 40 проценти од електричната енергија се добива од гасни централи, речиси сите автомобили се прилагодени да работат со гас, а 96 проценти од домаќинствата се гасифицирани. Путин ги спомна и инвестициите во Ерменија кои се околу пет милијарди долари, од кои речиси 90 проценти се руски, плус други посредни инвестиции. А Европа и најавила на Ерменија инвестиции од 2,5 милијарди долари. Според Путин, експертите пресметале дека сето погоре може да доведе до пад на БДП на Ерменија за најмалку 14 проценти. Тој нагласи дека Пашинјан најавил дека ќе спроведе референдум за тоа дали Ерменија треба да биде во Евроазискиот економски сојуз или во Европската Унија и дека очекува тоа да биде направено што побрзо. И членките на ЕАЕС ја повикаа Ерменија што побрзо да спроведе референдум за влез во ЕУ или останување во Сојузот. За тоа се зборува во заедничката изјава на претседателите на Русија, Белорусија, Казахстан и Киргистан. На следниот самит на ЕАЕС во декември ќе има „извештај за можните последици од прекин на дејствувањето на Договорот за ЕАЕС во однос на Ерменија. Инаку, според некои податоци искажани во 2025 година, Русија е главен инвеститор и трговски партнер на Ерменија. Трговската размена во 2025 година била над 11 милијарди долари. А вкупната со сите членки на ЕАЕС била над 13 милијарди долари.

Коментарот на Пашинјан на најавите на високите цени на гасот од Русија е дека не е логично да има закани кон Ерменија. „Народот на Ерменија мора да има алтернатива, да биде во составот на ЕАЕС или ЕУ“, изјави Пашинјан. И рече дека за тоа ќе решава народот, а тој му ја нуди алтернативата. Тој тврди дека Ерменија денес станува „раскрсница на светот“, а тоа значи „дека Ерменија нема да биде земја на илјади или милиони. Ерменија ќе стане земја на милијарди и трилиони“. И дека одговорот на заканата е дека Ерменија ќе има многу повеќе пари, за тоа да не ни биде скапо“.

Сепак, Пашинјан и покрај брзањето на лидерите на ЕАЕС не кажува кога би бил референдумот. Вицепремиерот на Ерменија, Мгер Григоријан, избегнувајќи директен одговор, изјави дека Ерменија ќе размислува за изборот меѓу ЕАЕС и ЕУ, кога ќе треба да се пресече. Сега таа нема намера да го покренува прашањето за излез од ЕАЕС. Таков е и односот на Пашинјан. Тој и натаму сака да ја продолжува линијата: “зборуваме за евроинтеграции, геополитички се ориентираме на Европа, продолжувајќи да заработуваме на соработка со Русија“. Типичен Александар Вучиќ. Односот на ЕАЕС или поточно Русија, Пашинјан и приврзаниците сакаат да го искористат за сплотување на нивното избирачко тело околу него, човекот, кој „е под притисок на Москва за неговиот европски избор“. Но, нема бегање од фактот дека Ерменија е економски многу тесно поврзана со Русија. Тој изјавува дека ќе нема проблем со зголемените цени на енергенсите, затоа што „ќе се збогатиме“, ама работите не се така едноставни. Изјавата од самитот на ЕАЕС, за што побрз референдум засега е без негов коментар. И ова е разбирливо. Што и да каже ќе може да влијае врз неговиот изборен резултат. А, како и секогаш, работите ќе се разјаснат по завршувањето на изборите. Само да поминат во најдобар ред.

Мирче Адамчевски

*Ставовите изразени во рубриката колумни се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Фактор


Слично

Поврзани вести