Ердоган: Западот да си ја гледа работата и да не ни се меша
Реџеп Ердоган изјави дека ќе ги повлече сите судски постапки за навреди на негова адреса. Турскиот претседател го изјави ова во Анкара на митингот во спомен на жртвите на неуспешниот пуч.
Против противници на Ердоган се поведени 1845 дела за навреда. Обвинетите ризикуваат казна и до 4 години затвор. "Само еднаш ќе простам", рече турскиот претседател.
Тој ги повика земјите од Западот да не се мешаат во внатрешните работи на Турција, а да си ја гледаат сопствената работа. Ердоган ги нападна конкретно американскиот генерал Џозеф Вотел - шеф на централната воена команда на САД, кој пројави загриженост за уапсените турски војници.
Поради тоа претседателот на Турција го набеди дека поддржува бунтовници, но Вотел негираше каква било интервенција. Во саботата, на барање на обвинителството беа пуштени 758 од приведените по превратот војници.
