Ердоган удри по новинарите – уапсени 43 во рамки на истрагата за пучот
Во Турција 43 новинари се уапсени поради обидот за воен удар кој се случи на 15 јули.
Во земјата издадени се повеќе од 100 налози за апсење новинари, пишува весникот „Хуриет дејли њуз“.
Тој се повикува на податоци на новинарската асоцијација Платформа за независно новинарство, со седиште во Истанбул.
Оваа асоцијација посочи дека со апсењето на 11 август на новинарката Ајшенур Паралдак, од веќе затворениот весник „Заман“, бројот на уапсените новинари, осомничени во врска со обидот за пуч достигна 43 лица.
Десет дена по пучот беа издадени налози за апсење на 42 новинари во рамки на истрагата против членовите на организацијата на имамот Фетулах Ѓулен.
Вкупно 42 новинари од турската државна телевизија ТРТ, чии имиња и должности не се објавени, беа приведени на 11 август. Според извори на листата се и некои од водечките новинари во телевизијата. Властите во Турција на новинарите им забрануваат патување во странство. Официјалните податоци покажуваат дека 74.562 пасоши се поништени во рамки на истрагата за обид за пуч. Има информации дека на околу 200 новинари им се забранува влез во турскиот Парламент.Анкара смета дека Ѓулен, кој од 1999 година живее во САД, стои зад обидот за преврат за симнување од власт на турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган.
