Ердоган прогласи победа на локалните избори
Турскиот премиер Реџеп Тајип Ердоган објави победа за неговата Партија на правдата и развојот на вчерашните локални избори во Турција. По пребројувањето на речиси 98% од гласовите, партијата на Ердоган освоила 45,5% од вкупниот број гласови, додека опозиционата Републиканска народна партија - ЦХП, освоила 27,9% гласови.
Но, при пребројувањето на гласовите, претставниците на двете главни партии жестоко се судрија, обвинувајќи се меѓусебно за манипулации и кражба на гласови. Тензиите се засилија во текот на ноќта додека медиумите јавуваа спротивставени резултати од гласањето.
Партијата на Ердоган води во трката за градоначалник на Истанбул, додека во главниот град Анкара се води изедначена борба. Полицијата од утрово зсилено го обезбедува плоштадот Таксим поради стравувања од можни нови протести по изборните резултати.
Објавувајќи ја победата, Ердоган порача дека ќе го задржи досегашниот курс и оцени дека во Турција победила демократијата. На своите противници тој им префрли дека ги предале интересите на земјата и дека сакале да шират хаос.
Овие избори се сметаа за клучен тест за довербата кон Ердоган, откако турскиот премиер и неговата Влада во изминатиот период се соочуваа со обвинувања за корупција, а им се префрлаше и дека се обидуваат да ги ограничат слободите преку забрана на Твитер и Јутјуб.
Слично
