Ердоган од мегамитингот: Ќе ја одобрам смртната казна!
„Доколку нацијата донесе таква одлука, верувам дека политичките партии ќе ја прифатат. За тоа ќе одлучи турскиот парламент со оглед на тоа што нацијата е носител на суверенитетот, а јас однапред велам дека ќе ја одобрам одлуката на парламентот“- рече Ердоган. На сите оние кои што порачаа дека смртната казна е неприфатлива во Западна Европа, односно во Европската Унија каде што Турција е земја кандидат за членство, Ердоган им возврати дека смртната казна денес е реалност во САД, Јапонија и Кина.
На митингот „Демократија и маченици“ на плоштадoт Јеникапи, Ердоган изјави дека мрежата на имамот Фетулах Ѓулен кој живее во САД, а турските власти го обвинуваат за организација на обидот за државен удар, ќе мора да биде уништена на законски начин. „Тие ќе ја платат цената за тоа што го сторија“- додаде Ердоган. Митингот на кој што дојдоа околу еден милион поддржувачи на Ердоган беше пренесуван низ цела Турција на видео бимови. Ердоган кажа дека еден видео бим бил поставен и во Пенсилванија, каде што моментално живее Ѓулен.
