Ердоган го предупреди Путин: Можеме да најдеме гас и без вас
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган дал јасен сигнал дека односите на неговата земја со Русија не се толку мазни како што рускиот претседател Владимир Путин можеби сака. Ердоган ја предупредил Москва дека Турција може да добива гас не само од Русија и дека може да најде друг инвеститор кој ќе го преземе проектот за изградба на нуклеарната централа „Акјују“, информира турскиот весник „Земан“.
Ердоган дал изјава откако на два пати руските борбени авиони го нарушиле турскиот воздушен простор. Оправдувањето од гледна точка на Москва беше дека тоа се случило за многу краток временски период и поради лошите временски услови.
„Не можеме да ја прифатиме сегашната ситуација. Објаснувањата на Русија за однесувањето на руските воздухопловни сили не е прифатливо“, изјавил Ердоган, кој појаснил дека засега не планира да го разгледа прашањето со Путин.
„Турција е корисник број еден на рускиот природен гас. Ако Москва не загуби, тоа ќе биде сериозен удар за руската економија. Ако е потребно, Турција може да обезбеди гас од многу други извори. А ако „Росатом“ не сака да ја гради нуклеарката „Акјују“, тогаш друг инвеститор ќе дојде и ќе ја изгради“, предупредил турскиот претседател.
Изјавата на Ердоган доаѓа и откако пред два дена извршниот директор на „Газпром“ Алексеј Милер го намалил двојно обемот на „Турски поток“. Потсетуваме дека сé уште нема официјален договор за градба, нема ни јасност кога тој би почнал. „Турски поток“ е алтернативата на „Јужен поток“, кој Владимир Путин го најави од Анкара на почетокот на декември минатата година.
