Економија, финансии, бизнис

Контакт

„Ер Тракторите“ ќе се сервисираат за 25 милиони денари, понудата на „Титан“ стигнала на 3 август

„Ер Тракторите“ ќе се сервисираат за 25 милиони денари, понудата на „Титан“ стигнала на 3 август

Договорот што Дирекцијата за заштита и спасување го склучи за поправка и сервисирање на трите противпожарни авиони кои ги има Македонија со шпанскиот Titan Firefighting Company S.L е објавен на системот за јавни набавки. За објавување оглас немало потреба, бидејќи се работело за јавна набавка од крајна итност.

Договорот е потпишан на една година, а вкупната сума е 25 милиони денари. Трите „Ер Трактори“ не се користеа за време на беснеењето на августовските пожари претежно во источниот дел од земјата кога изгоре голема шумска површина, а при тоа голем број на населени места беа доведени во опасност. На помош дојдоа воздухоплови од Романија и Србија.

Понудата од контракторот „Титан“ била доставена на 3 август, а за најповолна била избрана три дена подоцна. Преговарањето без објавување на оглас започнало на 26 јули. Шпанскиот оператор треба да ги превземе леталата од меѓународниот аеродром во Скопје, а според постигнатиот договор, можно е во текот на сервисирањето да произлезат и дополнителни трошоци. Покрај тоа, Titan Firefighting Company S.L е задолжен да врши редовна инспекција во текот на годината.

Стручните лица по завршувањето на августовските пожари излегоа со проценки дека две до пет децении се потребни за да се обноват уништените шуми и екосистеми кои настрадаа, додека материјалната штета во економски потенцијал допрва ќе се утврдува. Убедливо најголема штета претрпе Малешевијата.

По околу три години надвор од употреба, трите противпожарни авиони треба да бидат сервисирани и вратени за 60-тина дена. Директорот на ДЗС, Беким Максути, претходно рече дека авионите досега не биле сервисирани бидејќи компанијата редовно давала понуда за 40 отсто повисока од парите со кои за таа намена располагала Дирекцијата.

А.К.

Слично

Поврзани вести