ЕПОЛЕТИТЕ И СРПСКОТО ЗНАМЕ ГИ НОСЕШЕ ПРЕВРТЕНИ НАОПАКУ: Началничката на полициската управа во Смедерево вака се појави на телевизија
Началничката на полициската управа во српскиот град Смедерево, Весела Миловановиќ, привлече големо внимание со гостувањето на локалната телевизија и стана ѕвезда на социјалните мрежи, пренесува Нова.рс. Луѓето ги коментираат необичните детали на нејзината свечена униформа. Гостувањето е од минатата недела, а тема на разговор беа масовните убиства кои се случија во Србија.
Фотографиите брзо се проширија на социјалните мрежи, а реагираше и полицискиот синдикат Слога Ужице, кој ја обвини за „нарушување на угледот на полицијата и кршење на службените должности“.
„Таа мораше да го знае редоследот на боите на српското знаме и како се ставаат еполетите на рамениците. Во овој случај гледачите можеа да видат дека чиновите се наопаку поставени, а знамето на Србија е превртено наопаку, па личеше на знамето на Руската Федерација“, велат оттаму.Додаваат дека со таквото однесување началничката на полициската управа Смедерево направила повреда на службената должност пропишана со член 206 став 1 точка 5 од Законот за полиција.
