ЕП БАРА СРБИЈА ДА ВОВЕДЕ САНКЦИИ КОН РУСИЈА ИЛИ ЌЕ ГИ СТОПИРА ПРЕГОВОРИТЕ - најавена и истрага за комесарот за проширувaње
Европскиот парламент усвои резолуција за имплементација на заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ (ЗНБП), каде беше истакнато дека „новите поглавја од преговорите со Србија треба да се отворат само кога земјата ќе покаже дека е целосно усогласена со надворешните европски политика“, а особено со политиката на санкции кон трети земји.
Како што јавуваат српските медиуми, со резолуцијата, чиј автор е Дејвид Мекалистер, се повикува и на истрага против комесарот за проширување Оливер Вархеји и наведува дека тој „намерно се обидува да ја заобиколи и поткопа улогата на демократските реформи и реформите на владеењето на правото во земјите кои сакаат да се приклучат на Унија.“
- ЕП изразува жалење за континуираното ниско ниво на усогласеност на Србија со CSDP и повторува дека новите поглавја од преговорите треба да се отворат само кога Србија ќе ја зајакне својата посветеност на реформите во областите на демократијата и владеењето на правото и ќе покаже дека е целосно усогласена со надворешната политика на ЕУ. Основата на резолуцијата се тектонските промени кои се случија во геополитичката средина и кои се резултат на руската воена агресија врз Украина и други меѓународни предизвици. Апелираме до ЕК да започне независна и непристрасна истрага за тоа дали дејствијата и политиките што ги застапува Вархеји претставуваат кршење на кодексот на однесување на членките на ЕК и нивните обврски – се наведува во резолуцијата.
Дарко Обрадовиќ од Центарот за стратешки анализи за Курир вели дека нема сомнеж дека Вархеји добил критики бидејќи наводно „прогледал низ прсти“ во Србија и БиХ.
- Резолуцијата на Парламентот на ЕУ нема обврзувачка сила, додека во исто време ЕК води пристапни преговори. Но, вака формулираната резолуција создава политичка атмосфера која може да биде неповолна за нашата земја. Сведоци сме на трајна промена на силите. Гледаме дека американската администрација е свесна за нашата енергетска зависност и за штетата што Русија би ни ја направила во случај да и воведеме санкции. Во однос на комесарот Вархеји, ценам дека ова е идеолошко-политичка конфронтација во самата ЕУ. Имајте на ум дека резолуциите на ЕП се политичка перцепција на европарламентарците, а не нужно проценки засновани на факти - рече Обрадовиќ.
