Економија, финансии, бизнис

Контакт

Енвер Ајдини: Да се заштити дигнитетот на просветниот работник!

Енвер Ајдини: Да се заштити дигнитетот на просветниот работник!
Прекинот на штрајкот во основните и средните училишта се повеќе ја бранува јавноста, особено помеѓу просветните работници. Сеуште дел од нив се во дилема дали договорот помеѓу ресорното министерство и синдикатот  беше вистинскиот чекор во решавање на проблемите или “одложување на маките”. Други пак,  веруваат дека токму преку дијалог и добра основа за продолжување на преговорите може да се постигне крајната цел-исполнување на барањата на наставниците и професорите. Сепак, наставниот кадар се поотворено говори за проблемите во образовниот процес и покрај стравот да се задржи работното место и да се опстои на притисоците и заканите. Професорот Енвер Ајдини од средното економско училиште”Арсени Јовков” за Фактор вели дека проблемите во образованието не се намалуваат, туку секојдневно се зголемуваат. Со честите законски измени на штета на наставниот кадар и учениците, една од најблагородните и најпочитуваните професии, според просветарите, останува на маргините на почитта и достоинството. Наставникот-професорот кој секојдневно вложува во своето знаење, дигнитет и авторитет, денес за возврат, вели,  добива само казни и заплашувања. “Штрајкот беше логичен чекор поради веќе познатите проблеми што не следаат веќе подолг период во образованието,екстерно тестирање,казнување на наставници,оптеретена администрација,електронски дневник и низ други проблеми кои за возврат ни носат ништо друго освен казни и заплашувања.Дополнително се правеше  притисок со неодамна донесениот закон од МОН за заменски наставници, што значи во периодот на штрајк да   бидат заменети наставниците што се во штрајк. Дел од наставниците и професорите  беа дел од штрајкот,  а дел беа против штрајкот, што значи според мене беа против своите убедувања и против себе. Значи тие што не беа во штрајк, а беа во голем број,  се за тоа да има казни, да нема покачување на плати итн.Затоа јас мислам дека самите сме криви за исходот на целиот штрајк и остварениот договор меѓу СОНК  и МОН. Ако сакаме да сме поуспешни во сите наши реални и објективни барања треба да сме единствени  и интегрирани, а не поделени во остварувањето на нашите цели”- вели професорот Ајдини Наставниците и професорите сами паднаа на екстерниот испит! Штрајкот на просветните работници ги исфрли на површина проблемите присутни во образовниот  систем, кои според наставниците траат веќе две децении. Казните  непознати за ниту еден образовен систем во Европа и светот, системот на награди  врзан според резултатите од екстерна проверка, избрзаните законски решенија кои дополнително ги оптоваруваат наставниците се само дел од лошите реформи кои според нив, го поткопуваат образованието, авторитетот на наставникот и довербата во системот. “Имаше притисок да не се штрајкува и заплашување на наставниците, особено на оние што се под договор, дека можеби во иднина нема да им се продолжи договорот за работа. Ако сите во образовниот систем секогаш ги искажуваме своите несогласувања со постоечкиве закони и тоа конкретно околу екстерното тестирање реализирано со казни и наградувања,обемната администрација,честите  контроли на инспекторатот на Министерството за образование итн, јас мислам дека ние самите тука паднавме на испитот,бевме поделени,  а не интегрирани во нашите барања.”-потенцира проф. Енвер Ајдини. Второто полугодие кое во повеќе училишта започна без настава поради штрајкот на дел од професорите, според просветните работници  е одраз на негативните  последици од новите законски измени во образованието.  Во отсуство на широка и јавна дебата за новите законски решенија, наставниот кадар  преку штрајк бараше решенија за подобрување на воспитно -образовната пракса. Екстерното тестирање, според професорите е  еден од најеклатантните модели за уривање на образованието и санкционирање на наставниците. “ Екстерното тестирање кај нас е сеуште во фаза на развој и  како такво има свои недостатоци кои со текот на времето треба да се усовршат.Имаше многу неправилности како неразбирливи прашања, лош превод, технички грешки, немање право на приговор на резултатите. Наставниците се тестирани на само еден предмет, а предаваат на два  или три, особено кај нас во економските насоки. Затоа и како таков е нереален и необјективен модел”-нагласува проф. Ајдини. Казните од екстерното оценување, според него,  не се ништо друго освен извор на деградирање и потценување на наставниците. “Замислете професор што е пред пензија и преку кои произлегле многу успешни генерации на лекари, архитекти ,економисти и сега тој е во листата на казнети?! Исто така јавното прикажување на резултатите преку интернет страни беше навредлив и спротивен на Законот за заштита на лични податоци.Замислете каква стимулација ќе дадат изречените парични казни за натамошно работење?! Па оттука, ние наставниците поради големите притисоци ,како што се есктерното,инспекциските контроли,обемната  администрација треба да мислиме и да калкулираме како да ги извршиме своите секојдневни обврски и предавања и како да најдеме некоја средина околу оценувањето по сите стандарди и критериуми наложени од страна на МОН. Дополнително да бидеме фокусирани и на екстерното тестирање за да ги избегнеме казните .Што значи цело време работиме под стрес и страв”-потенцира професорот од Средното економско училиште “Арсени Јовков”.  Закони со анализи и дебати, не зад затворени врати! Просветните работници досега неколку пати јавно побараа законските решенија да се носат преку  социјален дијалог кои ќе бидат заеднички анализирани и поткрепени со истражувања за реалните состојби во  основните и средните училишта.  Штрајкот на СОНК и протестите, според професорите, беа  само логично продолжување на настаните кои досега и покрај алармот на незадоволство, за надлежните не беа доволен показател на заедничка маса да ги решат проблемите. Дополнително  и притисокот под кој работат наставниците и професорите е причина повеќе јавно и аргументирано да се изнесат проблемите. “Во една демократска држава законите се донесуваат со јавна дебата, што за жал морам да констатирам дека тоа кај нас е само на хартија.Затоа e донесен таков закон што никаде во регионот и во светот го нема,каков што е законот за казнување на наставници произлезен од резултатите на екстерното тестирање. Во првата година на спроведување на екстерното ни беше речено дека тоа ќе биде во еден период експериментално додека не се усоврши и дека нема да има казни.Додека  претендираме да сме една  демократска држава, морам да верувам дека во иднина  ќе се исполнат барањата на Синдикатот ”-смета професорот Енвер Ајдини. Наставниците и професорите, според него ја планираат , организираат  и реализираат  наставната програма, ја водат  педагошката  евиденција и документација,подготвуваат  тестови на знаења,писмени задачи за следење на постигањата на учениците. Тоа бара време, знаење и посветеност без притисоци, без закани. Желбата отворено да им  се погледне на проблемите в очи, додава, е карактеристика на најхрабрите и најупорни професори кои достоинствено застанале во одбрана на својата професија. “Откако на виделина излезе незадоволството  на учениците  и професорите околу новите закони за екстерно тестирање во образованието и за нивно решавање, јас мислам дека нужно  треба да се направат измени во законите но  преку јавни дебати,анализи и консултации меѓу министерството од една страна и учениците, наставниците  и професорите  од друга страна”-вели проф. Ајдини. Тој порачува дека сите засегнати за јакнење на довербата во образовниот систем треба да се борат да се заштити дигнитетот на воспитно-образовниот процес, кој  последниве години со бројните реформи кои се наметнати како задолжителни е  сериозно загрозен.   Слободата на дејствување и искажување на својот став, ентузијазмот и истрајноста вели,  треба да се мотив повеќе наставниците и професорите да истраат во борбата за подобрување на квалитетот на нивната „вистинска“ работа – поучувањето. С.Б.
Слично

Поврзани вести