Енергетскиот аларм е вклучен - ИЕА подготвува план за стабилизирање на пазарот на нафта
Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) е подготвена да интервенира за стабилизирање на глобалниот пазар на нафта по ескалацијата на конфликтот со Иран и наведува дека земјите-членки располагаат со повеќе од една милијарда барели итни резерви.
Според документ на агенцијата од 2 март, до кој дошол „Блумберг“, регионалното производство на нафта засега во голема мера останува непроменето, но транзитот на енергенси низ Ормутскиот теснец, како и производството на течен природен гас, се значително погодени.
ИЕА посочува дека може да пласира дополнителни количини нафта на пазарот доколку се јави потреба, но оти во моментов пазарот е соодветно снабден и нема план за активирање на стратешките резерви, пренесува Танјуг.
Агенцијата ги координира глобалните ослободувања на стратешки резерви во услови на сериозни пазарни нарушувања и досега интервенирала петпати во изминатите 35 години – за време на Заливската војна во 1991 година, по ураганите Катрина и Рита во 2005 година, за време на востанието во Либија во 2011 година и двапати по почетокот на војната во Украина во 2022 година.
Цената на нафтата денес накратко надмина 85 долари за барел, за првпат од јули 2024 година, откако САД и Израел ги интензивираа нападите врз Иран. Дополнителен притисок врз пазарот создаде и пожар во клучен складишен центар во Обединетите Арапски Емирати, што ја истакна ранливоста на енергетската инфраструктура.
ИЕА брои 32 земји-членки, од кои се бара да одржуваат резерви што покриваат најмалку 90 дена просечен увоз на нафта.
Во Соединетите Американски Држави, администрацијата на претседателот Доналд Трамп во моментов нема непосредни планови за ослободување на нафта од Националните стратешки резерви, се наведува во извештајот.
Бизпортал.рсФото:Пиксабеј
