Енергетската заедница бара од БИХ да затвори две термоелектрани
Секретаријатот на Енергетската заедница од 28 октомври повел постапка за решавање споров против Босна и Херцеговина поради прекршување на директивата за големи постројки за согорување, во случајот блок 4 на термоелектраната Тузла и блок 5 од Термоелектрана Какањ.
„Парламентот на Федерацијата на Босна и Херцеговина претходно оваа година донесе заклучок со намера да се продолжи работата на овие две термоелектрани до 1 јануари 2028 година. Секретаријатот на Енергетската заедница веќе јасно укажа дека оваа еднострана одлука претставува кршење на обврските на Босна и Херцеговина кон Енергетската заедница“, се нагласува.
Спорот е покренат поради тоа што работата на споменатите енергетски постројки продолжила и по истекот на периодот на нивната дерогација. Оценето е дека тоа има негативно влијание - го загадува воздухот, што, како што се наведува, сериозно му штети на здравјето и животната средина.
Енергетската заедница тврди дека властите во Босна и Херцеговина, кој е една од ретките земји во регионот што извесува струја, преку писмено соопштение се обврзале дека овие централи ќе престанат со работа на 1 јануари 2018 година, по 20.000 часа работа.
Беше посочено дека блокот 4 на термоелектраната Тузла и блокот 5 на термоелектраната Какањ можат да продолжат да работат по истекот на 20.000 часа само доколку ги исполнуваат построгите стандарди од директивата за индустриски емисии, но дека овие стандарди не се исполнети
