Енергетиката не трпи инстант решенија: Планот 2026 воведува правила, рокови и контрола на изведбата
Пишува: Сања Божиновска, министерка за енергетика, рударство и минерални суровини
Планот за изградба на енергетски објекти за 2026 година драстично ќе ја смени сликата на енергетиката во Македонија. Тој предвидува изградба на 67 нови енергетски објекти со вкупна инсталирана моќност од 4.416,8 MW и проценета инвестициска вредност од околу 5,7 милијарди евра. Сето ова се големи броеви, но поважно е што тие не се претставени како политички трофеј, туку како наше гледање како треба да се развиваме во следните години. Ние ги поставивме критериумите кои инвеститорите ги исполнија и од нив очекуваме оваа најава да се претвори во реални приклучоци, реални градилишта и реални киловат-часови. За неколку години суштината нема да е „колку проекти имаме“, туку колку проекти ќе завршат навреме и ќе работат стабилно.
Станува збор за филтриран процес во кој влегоа само најсериозните. Од пристигнатите 284 барања, низ строги проверки на техно-економските анализи, геодетските елаборати и бонитетот на компаниите, го дефиниравме патот за 67 нови објекти со моќност од 4.416,8 MW. Секој мегават е прецизно планиран во координација со МЕПСО и Електродистрибуција. Направени се пресметки за мрежна сигурност (N-1 критериум) за да се гарантира стабилноста на системот. Македонија повеќе нема да дозволи неконтролирано приклучување кое го загрозува системот. Градиме плански и безбедно.
Транспарентноста е нашиот врвен приоритет. Принципот „прв дојден – прв услужен“ беше применет само врз основа на комплетна и уредна документација. Нема и нема да има привилегирани. Добивањето место во Планот не е ‘резервација’ на мрежен капацитет, туку условен влез во постапка зашто Планот дава ред и приоритет, а приклучувањето и реализацијата се потврдуваат само ако инвеститорот ги исполни роковите и обврските за документација и инфраструктура. Односно, откако ќе се изработат варијантите за приклучување, Министерството го известува заинтересираниот инвеститор да изработи идејни проекти за линиската инфраструктура во рок од 45 дена од денот на известувањето. Доколку инвеститорот не ја изработи и не ја достави оваа документација во предвидениот рок, Министерството го известува за пречекорувањето и дека иницијативата нема да биде дел од Годишниот план. Со други зборови, во Планот се инвеститори кои покажале сериозност и доставиле барана докумнетација. Роковите за реализација се пропишани со Законот за енергетика и рокот на важење на овластувањето за изградба на енергетски објект може да биде најмногу 15 години согласно Законот за енергетика, а конкретните рокови, зависно од технологијата и моќноста на централата, се пропишани во Правилникот за овластување.
Во енергетиката нема брзи или инстант решенија. Желбата не е доволна за производство на електрична енергија. Затоа секој мегават што сега, во 2026 година го планираме како потенцијал, инвестиција, веќе за неколку години може да очекуваме да стане реален. Но, Планот за изградба на енергетски објекти за 2026 година не е „визија“ или „список на желби“, туку внимателно планиран исчекор за да се обезбеди сигурно снабдување и економија која нема да е зависна од секој регионален енергетски потрес.
Ако сакаме енергетска самостојност, мора сега да почнеме со план со динамика, рокови, правила и со контрола на изведбата.
Секој инвеститор мора да обезбеди банкарска гаранција од 25.000 евра за секој MW кој и го најавил како планирана инсталирана моќност. Таа се доставува во рок од 15 дена, како доказ дека е инвеститорот е сериозен. Тоа е филтер кој треба да ги издвои сериозните инвеститори од останатите. Затоа што во сектор што ја носи тежината на националната економија, импровизациите се ризик за сите.
Овој пристап е во корист на одговорните инвеститори, ја штити електроенергетската мрежа и носи директна корист за граѓаните. Бидејќи секој проект што виси во воздухот, ја блокира можноста за проект што може да се реализира. Едноставно, енергетиката не е простор каде имаме право на бесконечни потези – таа е систем каде секој потег има последица.
Ако има една лекција што Европа ја научи на потешкиот начин, тоа е дека обновливите извори на енергија (ОИЕ) без складирање се половина приказна која не носи успех. Затоа Планот за 2026 прави стратешко поместување и складирањето е централна алатка за стабилност. Со капацитет од речиси 5.000 MWh и вредност од близу 2 милијарди евра, овие системи се клучот за стабилноста на мрежата при користење на обновливи извори. Силен фокус ставивме на батериски системи токму за да се управува со варијабилноста на сонцето и ветерот и да се заштити мрежата во критичните часови.
Енергетската независност не значи само да се произведува, туку да може да се располага со произведеното тогаш кога ни треба.
Планот е и јасна порака дека Македонија ќе гради плански, во координација со преносниот и дистрибутивниот систем, затоа што мрежата не е бескрајна. Таа има физички граници, технички критериуми и правила што постојат за да не се случат системски проблеми.
Мојата порака до инвеститорите е едноставна, влезот во Планот е превземање на обврска и победуваат оние што се подготвени. Затоа ангажирајте експерти и испочитувајте ги роковите.
Мојата порака до институциите и општините е исто толку јасна, овој процес мора да се движи со брзина на решенија. Секој изгубен ден во 2026 година, се претвора во уште поскап ден во 2031. Планот ги опфаќа сите региони, со посебен акцент на општините како Македонски Брод, Лозово, Дебрца, Кавадарци, Куманово, Брвеница и Кочани. Ова е директен влог во локалниот економски развој. Државата, преку ЕСМ, исто така е активен чинител со свои стратешки проекти кои ќе бидат столбот на домашното производство.
Процесот за Планот за 2027 година е веќе започнат – роковите за иницијативи се до 1 април за општините и до 1 јуни за инвеститорите. Веќе за 2 до 3 месеци ќе ги имаме и првични информации до каде е реализацијата на тековните проекти. Секоја фаза ќе се следи со внимание.
Македонија е подготвена за големи нешта. Енергетскиот бран е тука, а нашата одговорност е тој да донесе стабилност, развој и достапно и сигурно снабдување за секој граѓанин.
