Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЕНЕРГЕТИКА: СДСМ ќе ја враќа евтината струја, ВМРО-ДПМНЕ ќе го приватизира ЕЛЕМ!

ЕНЕРГЕТИКА: СДСМ ќе ја враќа евтината струја, ВМРО-ДПМНЕ ќе го приватизира ЕЛЕМ!
Од враќање на евтината тарифа, студија за нуклеарна централа, приватизација бна ЕЛЕМ, гасификација, реконструкции, до енергетска ефикасност, берза на електрична енергија. Што нудат изборните програми во сферата на енергетиката? Фактор ги анализираше програмите на двете најголеми партии. СДСМ Во осумте години власт на ВМРО-ДПМНЕ, цената на струјата за македонските потрошувачи порасна за 69,33%. Зголемената цена на ЕЛЕМ се оправдува со наводни инвестиции,но просечното годишно производство на ЕЛЕМ во периодот 2007 - 2013 година, е намалено за 7,57% во однос на претходниот период, додека увозот на електрична енергија е зголемен за 60,02%. Ова јасно покажува дека некој наменски го намалува производството, за да печали пари од увоз на струја. Од друга страна, граѓаните се оштетени со големото покачување на цената на електричната енергија, стои во Изборната програма на СДСМ. Опозициската СДСМ најавува дека доколку на овие парламентарни избори ја добие власта ќе воведе евтина викенд тарифа, односно евтината струја ќе биде достапна не само во недела, туку цел викенд, а секој ден граѓаните ќе добијат дополнителни 2 часа евтина тарифа. Но, најавуваат и Закон за социјална заштита од енергетска сиромаштија кој ќе значи поголем опфат и повеќе пари за квалификуваните односно социјално загрозените домаќинства. Ќе се воведе и енергетски народен правобранител, кој ќе треба да им помага на граѓаните да да ги остварат своите загарантирани права, вклучувајќи и подготовка на жалби до соодветните институции. Со оглед на намалениот интерес на младите луѓе за занимавање со енергетиката, ќе се обезбедат стипендии СДСМ ветува стипендии во висина од 100 евра месечно за најдобрите 50 студенти од областа на енергетиката. Во делот на инвестиции во енергетиката СДСМ најавува дека ќе анализира дали на земјава и треба и дали има можности и услови за изградба на нуклеарна централа и, какво би било нејзиното можно влијание врз животната средина. „Врз основа на таа анализа, ќе се донесе одлука за (не)градење на нуклеарна централа. Без постоење на таква анализа, која ќе ги квантифицира можностите за изградба на нуклеарна централа, сите оценки дали во Република Македонија треба да се гради, или да не се гради нуклеарна централа, се паушални и неиздржани, стои во програмата на СДСМ. Се најавува изградба на ХЕЦ Чебрен и ХЕЦ Галиште, со сопствени средства на АД ЕЛЕМ. Потоа дека ќе се најде реномиран инвеститор (или коинвеститор) во ТЕЦ Неготино, кој ќе овозможи зголемување на производниот капацитет, модернизација и користење на природниот гас (или некој друг енергенс) како погонско гориво на истата. Се најавува и можност за изградба на  ХЕЦ Велес и ХЕЦ Градец, Вардарска долина. Приклучување на ТАР (Trans Adriatic Pipeline), со што ќе се обезбеди диверзификација на снабдувањето со природен гас, а особено поефикасна гасификација на југозападна Македонија, додека пак приклучување кон „Јужен тек“ ќе биде  во согласност со правилата за внатрешниот пазар на енергија на Европската унија. СДСМ најавува и изградба на акредитирана лабораторија за баждарење на мерните уреди за испорачаниот природен гас. Повеќе видови на субвенции воведување на енергетска ефикасност
  • ·Ќе ја стимулира замената на енергетски неефикасните електрични уреди во домаќинствата, со уреди кои имаат висок степен на енергетска ефикасност.
  • ·Ќе ја стимулира замената на енергетски неефикасната електрична опрема, машини и уреди коишто се користат во индустрија, со енергетски ефикасни електрични уреди електрична опрема, машини и уреди
  • ·Ќе ги намали даночните и царинските оптоварувања за енергетски ефикасната опрема, машини, уреди и сите останати трошила;
ВМРО-ДПМНЕ Во изминатиот период, ВМРО-ДПМНЕ посветено вложуваше напори за реализација на енергетски проекти, ревитализација и модернизација на постојните капацитети и за подигнување на свеста за енергетска ефикасност во државата. Посветено се работеше на обезбедување диверзификација на изворите на енергија преку изградба на хидроенергетски проекти, вклучување на Република Македонија во проектот „Јужен тек“, изградба на ветерен парк, искористување на соларната енергија, изградба на нови рудници, стои во изборната програма на ВМРО ДПМНЕ. Ако ВМРО-ДПМНЕ, победи на парламентарните избори, тогаш во изборната програма најавува дека во следниот четиригодишен мандат, ќе бара домашни и странски инвеститори кои ќе го зголемат капиталот на ЕЛЕМ преку учество во проекти со јавно приватно партнерство или joint venture. Исто така, ќе биде анализирана можноста и за докапитализација на ЕЛЕМ, најмногу до 49% од капиталот. Најавуваат формирање на македонска берза на електрична енергија, со цел да се зголеми конкуренцијата помеѓу учесниците на пазарот на електрична енергија. Поради малиот очекуван обем на тргување, ќе се настојува берзата да биде стратешки поврзана со некоја од понапредните берзи од Европската унија, а ќе преземеме и чекори за локално поврзување со берзите кои постојат или кои се планира да се формираат во соседните држави и регионот. Зависно од прогресот во реализација на меѓународниот гасоводен систем “Јужен тек” и неговата изградба во регионот, од партијата најавуваа дека остануваат на проектот за  поврзување на Република Македонија кон овој гасовод. Во програмата на ВМРО-ДПМНЕ се најавува топлификација на Битола, Новаци, и Могила до 2017 година Во партиската програма на ВМРО-ДПМНЕ стои и дека ЕЛЕМ и МЕПСО и ЕВН ЕВН Македонија, секоја година ќе доделуваат вкупно 15 стипендии, за новозапишани студенти од прв циклус на студии на една од енергетските студиските програми на Факултетот за електротехника и информатички технологии при Универзитетот Св.Кирил и Методиј - Скопје. Се потенцира дека и во иднина ќе се продолжи со субвенционирање на домаќинставата кои ќе набават сончеви колектори за што ќе се одвојат 400 илјади евра. Во делот на инвестициите, се најавува ревитализација и модернизација на ТЕЦ Битола, и ТЕЦ Осломеј, изградба на Бошков Мост, како на на проектот Луково Поле. До 2018 година се најавува и реконструкција на осум 110КV далноводи постари од 40 до 50 години. С.Н.
Слично

Поврзани вести